
Пратениците на Трамп, Виткоф и Кушнер, пристигнаа во Египет на преговори за војната во Газа
Претставниците на американскиот претседател, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, пристигнаа утрово во египетското одморалиште Шарм ел Шеик за да се приклучат на преговорите за договор за ослободување на преостанатите заложници што ги држи Хамас и за прекин на војната во Газа, објави Аксиос.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Тимот на американскиот претседател Доналд Трамп инсистира Израел и Хамас да постигнат договор во рок од неколку дена.
Индиректните разговори меѓу израелските и палестинските претставници започнаа во понеделник и, според американски и израелски извори, покажаа „одреден напредок“, но клучен пробив се очекува дури по пристигнувањето на Виткоф и Кушнер.
Пред да отпатува за Египет, Трамп се сретна со својот тим за национална безбедност во Белата куќа, каде што разговараше за напредокот на преговорите.
Истиот ден, тој го прими Едан Александар, американско-израелски државјанин претходно држен како заложник од Хамас, како и семејството на Омар Неутра, кој беше убиен на 7 октомври 2023 година, а чие тело е сè уште во Газа.
Според изворите, Трамп им рекол на семејствата дека следните 48 часа ќе бидат „критични“ за постигнување договор.
Тој рече дека има „навистина добри шанси“ разговорите да бидат успешни.
Во разговорите во Шарм ел Шеик ќе учествуваат и катарскиот премиер Мохамед бин Абдулрахман ал-Тани, како и раководителите на египетската и турската разузнавачка служба.
Израелската делегација ја предводи советникот на Нетанјаху, Рон Дермер.
Високи американски претставници изразија „претпазлив оптимизам“ за шансите за договор, велејќи дека Кушнер и Виткоф нема да го напуштат Египет додека не се постигне договор за ослободување на заложниците и прекин на непријателствата.
„Нетанјаху заврши одлична работа – воениот притисок го направи Хамас поподготвен за компромис. Но, сега е време за договор“, рече висок американски претставник кој зборуваше под услов да остане анонимен.