Повременото постење од 24 часа го нарушува имунолошкиот систем

Фото: Pexels/Michelle Leman

Повременото постење веќе подолго време се препорачува како корисен пристап за спречување или справување со хронични болести како што се рак, дебелина и срцеви заболувања. Но, резултатите од една нова студија покажуваат дека постењето кое трае 24 часа може да го наруши имунолошкиот систем, пишува „Њу сајентист“.

Д-р Филип Свирски и неговите колеги од Медицинскиот факултет Ајкан во Њујорк анализирале примероци од крв и ткива од пет глувци кои биле на пост без храна во период од 24 часа. Резултатите од крвта на овие глувци, во споредба со оние кои биле на регуларна исхрана, покажале дека глувците кои биле на пост имале намален број на моноцити за 10 отсто. Имено, моноцити се тип бели крвни клетки кои помагаат во борбата против инфекциите.

„Истражувачите открија дека намалувањето се должи на повлекувањето на моноцитите од крвта во коскената срцевина, каде што во суштина хибернираат“, вели д-р Свирски.

Во моментот кога на глувците, кои биле на пост, им била дадена храна, моноцитите се вратиле во нивниот крвоток. Во споредба со глувците кои продолжиле да постат или оние кои никогаш не постеле, овие глувци во просек имале речиси четирипати повеќе моноцити во крвта.

За да проверат како тоа влијаело на имунитетот, д-р Свирски и неговиот тим инјектирале 45 глувци со вид на бактерија која ги инфицира белите дробови. Дваесет и три од глувците постеле 24 часа пред инјектирањето. Истражувачите потоа им дозволиле да пристапат до храна.

По 72 часа, речиси 90 отсто од глувците кои постеле умреле. Околу 60 отсто од глувците кои никогаш не постеле, исто така, умреле. Глувците кои биле на ограничени диети, исто така, имале поголемо ниво на воспаление, што укажува на тоа дека подолгото постење го нарушува имунитетот.

Како и да е, проф. д-р Сачиданда Панда од Институтот за биолошки студии Салк во Калифорнија вели дека најчестите режими на пост кои ги применуваат луѓето не траат 24 часа. Всушност, неговото истражување покажа дека 15-часовниот пост го подобрува имунитетот кај глувците.

Во секој случај, д-р Свирски вели дека овие наоди се важни за тоа како размислуваме за времетраењето и последиците од постот.

„Како и многу работи во животот, рамнотежата е важна“, вели тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот