Потребна е визија, но и лидери што гледаат утре

Ковачевски и Рама/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Билатералните односи со Албанија никогаш не биле подобри. Ние сме пример како два соседа треба да соработуваат. Поддршката на Еди и на целата влада во Брисел е од непроценлива важност – рече премиерот Димитар Ковачевски

Северна Македонија и Албанија имаат заедничка цел – членство во ЕУ до 2030 година. Двете земји заедно ги почнаа преговорите со ЕУ и имаат можност и заедно и да ги завршат, порачаа премиерите на двете земји Димитар Ковачевски и Еди Рама по денешната меѓувладина седница во Скопје. На заедничката прес-конференција билатералните односи ги оценија како одлични, а Ковачевски, бидејќи често комуницирал со Рама, рече дека имал чувство дека денес сите биле како дома.

Рама информираше дека финализирале 21 договор, а се договориле и за три предложени иницијативи од првиот вицепремиер Артан Груби за изградба на Коридорот 8, за „суво“ пристаниште во Струга и за нов граничен премин Поградец – Струга.

– Денеска се сеќаваме дека беше потребна визија да се видат двете држави како дел од целината, но и лидери што гледаат напред за да може да се види и утре. Заедно можеме повеќе. Билатералните односи со Албанија никогаш не биле подобри отколку денес. Ние сме пример како два соседа треба да соработуваат. Заедно чекориме во НАТО, а заедно зачекоривме и по патот на евроинтеграциите. Поддршката на Еди и на целата влада во Брисел е од непроценлива важност. ЕУ конечно сфати дека нејзин стратегиски интерес е Западен Балкан да биде дел од европското семејство – рече Ковачевски.

Рама кажа дека двете влади се среќаваат во едно поинакво време кога војната на Владимир Путин во Украина отвора рани, ги брка луѓето од своите родни места и домови, а сето тоа е вистинска провокација Западот да се стави на колена.

– Тоа е вистинска провокација за да се стави на колена Западот, чиј дел сме и ние. Војната во нашите две земји не дојде со бомби или со физички разурнувања, туку со стратосферските цени на светскиот пазар и со големата инфлација. Во тој контекст, сѐ повеќе е јасно дека нема друг пат за соочување со предизвиците на времето, освен соработката и заедничко адаптирање на новата состојба. Од друга страна, се среќаваме и во друг контекст, а тоа се нашите заеднички напори да бидеме дел од европското семејство. Го премостивме јазот и тортурата и се подготвивме за почеток на преговорите. Процесот е почнат и тоа е голем исчекор напред. Сите желби да бидеме заедно со другите земји на ЕУ верувам дека ќе се исполнат и дека ќе направиме исчекор напред на самитот на ЕУ – Западен Балкан на почетокот на декември годинава во Тирана – рече Рама.

Двајцата премиери говореа за уставните измени во Македонија, без кои не може да продолжи патот кон ЕУ.

– Уставните измени, ми се чини дека само злобата, кусогледоста и божемниот патриотизам можат да ги претворат во причина за меѓусебна поделба и да создадат простор да се создадат проблеми во оваа држава, додека оваа држава е на патот кон ЕУ. Можам да ви кажам дека ние во Албанија имаме поинаков уставен модел, но во парламентот препознавме значителен број малцинства, вклучително и бугарско малцинство, кое има скромно присуство, но постои во Албанија. И не изгледа дека ни се заканува некое малцинство, напротив, малцинствата се големо богатство – рече Рама, порачувајќи дека за него ќе биде фатално ако Северна Македонија се врати назад во историјата.

Во контекст на добрата соработка, Ковачевски информираше дека со Рама постигнале договор за незаконски изнесените икони од Македонија и најави дека наскоро ќе оди во Албанија и оттаму ќе ги донесе сите 21 икона и ќе му ги предаде на архиепископот на МПЦ-ОА.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот