Потрага по загубената духовност со сликите на Владимир Георгиевски во Музејот на град Скопје

Грандиозна изложба со стотина дела од сликарот Владимир Георгиевски е поставена во Музејот на град Скопје, а нејзиното отворање на 7 декември привлече огромен број љубители на уметноста.

Извонредни дела на еден од најзначајните македонски ликовни уметници – Владимир Георгиевски (1942-2017) се поставени во целиот расположив галериски простор на Музејот на град Скопје. Изложбата се состои од стотина дела на уметникот работени во ликовните техники масло на платно, темпера, пастел, туш, молив во боја и акварел.

– Творештвото на Владимир Георгиевски се опира на сите обиди да се класифицира и систематизира. Пропаѓа секој обид да се подреди во хронолошки ред поради идејата на сликарот за безвременоста на делата. Најголем дел од делата се недатирани; еден ист мотив е работен повеќе пати во различни временски периоди и во разновидни сликарски техники; сликите се преработувани и доработувани во обид да се пронајде најдобриот од сите можни модели…

Во сликарството тој почнува од неговите онтолошки основи. Тој е во потрага по загубената духовност во свет кој одамна им се препуштил на површните задоволства и на робувањето на телото и на телесноста. Наспроти модните стилови и трендови, наспроти лажниот мистицизам, комерцијализацијата; наспроти предрасудите, наметнатите безначајни теми, тривијалноста во уметноста, позерството, манипулациите со публиката; наспроти уметноста како дневна политика, уметноста со тенденција, уметноста во функција на идеологијата како оправдување на постојниот општествен дискурс, како пропаганда, како одраз на една замислена стварност, како проекција на таа стварност, како панаѓурска измама или како илузионистичка претстава – тој се враќа кон уметноста која е во функција на откривањето на вистината – напиша Емил Алексиев во каталогот по повод изложбата.

На отворањето на изложбата на 7 декември се обратија Панче Велков, Фросина Георгиевска и Влатко Коробар

Владимир Георгиевски е роден 1942 година во Скопје. Во 1963 завршил Училиште за примена уметност во Скопје. Истата година ги започнал студиите на Ликовната академија во Белград, каде и дипломирал во 1968 година. Постдипломски студии завршил на истата академија, во класата на професор Младен Србиновиќ.

По враќањето од Белград во 1972, го раководел уметничкиот оддел при Младинскиот културен центар (тогашен Дом на млади „25 Мај“). Меѓу 1980 и 2012 бил професор по цртање, сликање и пластично обликување на Архитектонскиот факултет во Скопје. Една деценија во 1990-тите, предавал и естетика на простор, историја на модерна уметност, како и сценографија на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Негови сценографски и костимографски решенија беа дел од многубројни театарски претстави и неколку домашни играни филмови. Зад себе остави скапоцена ризница од уметничко богатство.

Изложбата во Музејот на град Скопје се реализира со финансиска поддршка на Град Скопје во соработка со легатите на уметникот. Куратор на изложбата е Емил Алексиев.

За изложбата е подготвена и обемна монографија за творештвото на Владимир Георгиевски (Издавач: Музеј на град Скопје; автор: Емил Алексиев; текст: Емил Алексиев и Никола Пијанманов). Изложбата ќе може да се посети до 31 јануари 2023 година.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 158, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 10-11 декември 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот