Потерници има, но залудно: На македонските икони им се губи секаква трага

Вкупно 160 археолошки и уметнички артефакти, меѓу нив и вредни икони, пријавило македонското Министерство за внатрешни работи во базата на Интерпол, но до денеска не е пронајден ниту еден од нив – информираат за „Слободен печат“ од МВР.

„Од досегашните податоци со кои располагаме, бројката на украдени икони или археолошки предмети од нашата земја е околу 1.000, а можеби и повеќе, но за точната бројка МВР не поседува податоци, бидејќи за тоа е надлежно Министерството за култура и Управата за културно наследство. Најчести нелегални пазари на кои завршуваат украдените предмети од нашата земја се земјите од Западна Европа, а во последните години украдените археолошки предмети од Република Северна Македонија завршуваат на пазарите во земјите од Азија“ – се вели во писмениот одговор на МВР.

На веб-страницата на МВР се објавени 37 украдени црковни икони кои се сметаат за скапоцено културно наследство од Северна Македонја. Меѓу нив е еден иконостас на Исус Христос, крунисување на Богородица, икони на Свети Јован Богослов, Богородица и други светци.

Од Управата за заштита на културното наслество за „Слободен печат“ велат дека досега објавените предмети на страната на Интерпол се предмети за кои не е извршена ревалоризација и сите тие се со статус „значајно културно наследство“, предмети кои се објавени како исчезнати во минатото.

– Ова го наведуваме од причина што во Управата немаме конкретни податоци за тоа кога се објавени тие фотографии, односно кога и во кој период се прикачени на страната на МВР. Управата има податоци за археолошки предметите кои беа вратени во нашата земја врз основа на соработка на нашата институција со соодветната институција на Република Словенија почнувајќи од 2006 година – изјави за „Слободен печат“ Марија Пујаз – инспектор за безбедност во Управата за заштита на културното наслество.

Поранешниот директор на Дирекцијата за заштита на културното наследство, Паско Кузман во јули 2013 година беше уапсен за злоупотреба на службената положба. Според обвинителнито акт, Кузман дал согласност за ископ на две спорни локации, кај Драмски Рид во Делчево и Катланово. Токму на овие две локации, на крајот на 2011 година се трагаше по значителна количина злато, за кое се веруваше дека останало уште од Втората светска војна. Апсењето на Кузман беше продолжение на акцијата „Фаланга 2“, при што во мај 2013 година беа уапсени 19 лица, вклучително и вработени во Дирекцијата за заштита на културното наследство, Музејот на Македонија, Музејот во Демир Капија, како и полициски службеници во Велес.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот