Потценети збеснати цени

Соња Кириџиевска
Фото: Драган Митревски/Слободен печат

Граѓаните се револтирани кога се рекламира поевтинување од 5 денари, зашто лебот во последниве 12 месеци всушност е поскапен за повеќе од 50 отсто.

Македонските граѓани се уморни од ветувањата за поевтинување на основните производи. Нема јунак што сериозно ќе се зафати со поскапувањата и инфлацијата. Увозна, глобална или причинско-последична од војната во Украина, сеедно како ќе ја крстите, инфлацијата во земјава е висока и во догледно време нема да се смири. Како некој да ни ја протнал раката во паричникот и ни зел една петина од парите.

Кога инфлацијата се искачува над „нормалното“ ниво, последиците се повеќе од негативни. Бидејќи не е зауздана навреме, излегува од контрола и почнува да ја уништува целата економија, што, пак, силно влијае и врз нашиот секојдневен живот.

Од повеќе од 200 производители на основни прехранбени производи, само мал дел ги намалија цените, и тоа за денар, два или пет.

Најголемиот дел од македонските граѓани поради нискиот стандард трошат повеќе од половина од домашниот буџет на храна. Попластично, ако сте имале 100 денари, а 50 денари трошите за храна, која веќе не чини 50, туку 60 денари, тогаш за другото ви остануваат помалку од 40 денари. Тоа е доказ дека состојбата е многу полоша од она што го кажуваат бројките. Тука не помагаат уверувањата дека подоброто утре само што не пристигнало. Нема пониски цени, поевтинува само она на што му изминува рокот!

Во соседството се безмилосни. Грчката Влада казни пет популарни трговски синџири со по 400 илјади евра, затоа што енормно ги покачиле цените. Нашите соседи од Бугарија излегоа со фрапантни податоци – дека маржите, од фарма, преку магацин, до рафтовите во продавниците – се движат од 36 до 79 отсто!  Слободната процена вели дека тоа се случува и со цените во македонската трговија, зашто ниту нашите трговци не покажаа некоја забележителна солидарност.

Болно е да се признае, но ситуацијата на терен покажува дека државата е немоќна пред ценовниот хаос. Без разлика што економските министри, па и премиерот постојано лицитираат со „Д“ денот кога цените ќе се намалат, на прстите од една рака може да се набројат оние компании чиишто производи поевтинија од 7 до 12 отсто. Граѓаните се револтирани што наголемо им се рекламира поевтинување од 5 денари за само еден вид леб, кога тој е поскапен за повеќе од 50 отсто последниве 12 месеци, од почетокот на војната во Украина. Освен десетината најнеопходни прехранбени производи што се „замрзнати“, маржите на сите други производи се формираат на пазарен принцип. Затоа, ве молиме да не ни ја потценувате интелигенцијата, признајте барем дека со досегашните мерки ги потценивте збеснатите цени.

Премиерот и министерот за економија немаат одговор зошто тешко се справуваат со трговското самоволие. Првото замрзнување на маржите, кога преку ноќ од рафтовите „исчезнаа“ брашното, макароните, маслото за јадење и кога на кванташкиот пазар беа ставени катинари на вратите на магацините предизвика хаос во понудата и побарувачката. Откако видоа дека не бива со арно, почнаа со закани до компаниите што добија субвенционирана цена на струјата, со цел да се намали производната цена на производите, а со тоа и на малопродажните цени. Ултимативно најавија дека во спротивно Владата ќе им ги укине субвенциите, небаре тоа е главната причина за скапотијата.

Од неразбирливи причини и натаму кај нас само се шепоти наместо да се посочат гласно и јасно дека „некои фирми и поединци ја злоупотребиле својата позиција на пазарот“, иако се зборува дека пазарни инспектори веќе прават список на имињата кои ќе ја изгубат привилегијата за поволна цена на струјата од 80 евра за мегават. Од конкретните мерки за непочитување на ограничувањето на маржите, досега инспекторите изготвиле само 45 прекршочни платни налози. Премалку за да се смири ценовниот галоп.

Шепотењето и молчењето е одобрување. Кога нема конкретни виновници, нема ниту казни. За жал, нема ниту одговорност за тие што водат економски политики. Затоа и инфлацијата не запира!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот