„Поштарот“ Кисинџер во приватна мисија за помирување на Пекинг и Вашингтон

Кисинџер и Сји во државната гостинска сала Диаојутаи - Фотографија ЕПА, Хуанг Ѓингвен

Белата куќа објави дека гостувањето во Пекинг било „приватна посета“, но и дека очекуваат Кисинџер „да им раскаже што слушнал, што научил и што видел“

Властите во Вашингтон изразија жалење поради тоа што поранешниот државен секретар, стогодишниот Хенри Кисинџер, во Пекинг бил пречекан посрдечно и се сретнал со повеќе кинески министри отколку актуелните американски функционери.

Кисинџер ја посети Кина како еден од творците на нормализирањето на односите помеѓу двете велесили пред половина век. Иницијативата на Кисинџер како државен секретар во администрациите на Ричард Никсон и Џералд Форд, придонесе тогашниот кинески лидер Денг Сјаопинг да почне темелни и широки економски реформи, како темел за долгогодишниот постојан развој.

Новиот врховен лидер Сји Ѓинпинг го пречека гостинот од САД со највисоки почести и го нарече „стар пријател“.

– Кина и САД уште еднаш се пред крстопат и уште еднаш треба да направат избор. Кинескиот народ никогаш не ги заборава своите стари пријатели и кинеско-американските односи секогаш ќе бидат врзани за името Хенри Кисинџер – му порачал Сји на „стариот пријател“.

Белата куќа објави дека била информирана за гостувањето на Кисинџер во Пекинг, но истакна дека тоа било „приватна посета“. Белата куќа, сепак, забележа дека од поранешниот државен секретар очекува да добие „извештај“ за посетата.

На овој начин, во улога на неофицијален поштар, ветеранот Кисинџер и на возраст од сто години придонесува за приближување на односите помеѓу Америка и Кина, кои се ограничени со строгата политика на Вашингтон да не контактира со лицата под санкции поради помагање на руската воена интервенција во Украина, како и реципрочното однесување на Пекинг.

Кисинџер во Пекинг се сретна со претседателот Сји, но и со главниот дипломат Ванг Ји и со новиот министер за одбрана Ли Шангфу. Министерот Ли, поранешен генерал, не може да се сретне со својот американски колега Лојд Остин, бидејќи од 2018 година е на американскиот список на лица под санкции, поради улогата при купување оружје од рускиот извозник Рособоронекспорт. Пекинг повеќепати побара укинување на санкциите за да продолжат непречено дискусиите со Вашингтон на највисоко ниво.

– Разочарувачки е тоа што приватен граѓанин може да се сретне со министерот за одбрана и да комуницира, а САД не можат. Тоа сакаме да го надминеме. Затоа ќе се продолжиме да се обидуваме да ги обновиме воените линии на комуникации. Ако тие не се отворени, се зголемува ризикот во времиња како овие, кога тензиите се високи и лесно се прават погрешни процени – изјави претставникот на Белата куќа Џон Кирби.

Тој потврди дека „функционери се надеваат дека Кисинџер ќе им раскаже што слушнал, што научил и што видел“.

Во Пекинг до средата беше и Џон Кери, личниот пратеник на претседателот Џо Бајден за климатски промени, а пред еден месец во официјална посета на Кина беше и државниот секретар Ентони Блинкен. Претседателот Бајден неодамна изрази желба да се сретне директно со својот кинески колега Сји, можеби на маргините на самитот на Г-20 во септември во Њу Делхи или на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) во ноември во Сан Франциско.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот