ПОРТА „МАКЕДОНИЈА“: Изложбата „Вибрации“ на „Галерија’73“ од Белград е претставена во Скопје

Порта „Македонија“ станува атрактивен простор за ликовни изложби и самостојни уметнички претставувања, а во овој период таму може да се посети изложбата „Вибрации“, реализирана во соработка помеѓу Музејот на македонската борба и „Галерија ’73“ од Белград.

Изложбата „Вибрации“ на „Галерија’73“ од Белград, Србија, донесе дела со масло на платно и комбинирана техника на авторите Ирина Черњавски Шантриќ и Саво Рупиќ. Во присуство на авторите, на отворањето на изложбата на 27 февруари во Порта „Македонија“ се обратија директорките на НУ Музеј на македонската борба – Скопје, Даниела Николова, и на „Галерија’73“, Мирела Пудар, а изложбата свечено ја отвори амбасадорката на Србија во Скопје, Н.Е. Душанка Дивјак Томиќ. За делата претставени во галеријата зборуваше кураторката Драгана Спасковска.

Авторите Ирина Черњавски Шантриќ и Саво Рупиќ се истакнати претставници на современата ликовна сцена од регионот, со голем број самостојни и групни изложби, а македонската изложба е продолжување на соработката на Музејот на македонската борба со „Галерија’73“ од Белград. Публиката ќе има можност да ја види изложбата до 8 март, додека за другите активности на оваа национална установа добивме подетален одговор од Даниела Николова, директорка на Музејот на македонската борба – Скопје.

Минатата недела имавте изложба на калиграфија и килограми, додека од 27 февруари е поставена изложба на „Галерија ’73“ во Порта „Македонија“. Дали тој галериски простор добива нова функција во рамките на Музејот на македонската борба?

– Порта „Македонија“ е составен дел од Музејот на македонската борба и има галериски простор во кој започнавме да организираме и поставуваме гостувачки изложби, не само на локално, туку и на регионално ниво. Музејот оваа година продолжува во континуитет да ги реализира програмските активности кои се поддржани од страна на Министерството за култура и во исто време продолжуваме да реализираме и вонпрограмски активности со другите институции од областа на културата, со невладините организации и здруженија, како и со ликовните уметници се со цел да ја промовираме културата и културното наследство.

Минатата недела имавме гостувачка изложба на познатиот калиграф Мохамед Реза Афшари, професор на Универзитетот за убави уметности во Техеран, Иран. Беа изложени ликовни дела со кои ја прикажува традицијата на својата држава и дела – масло на платно – калиграфија и килограми. На 27 февруари свечено беше отворена гостувачката изложбата „Вибрации“ на „Галерија ’73“ од Белград.

Даниела Николова, директорка на Музејот на македонската борба

Какви активности на установата можеме да очекуваме за тековната 2020 година?

– Покрај редовните активности и соработката со други субјекти, планираме неколку јубилејни историски изложби, како 155 години од раѓањето на Ѓорче Петров, 75 години потоа, историјата на руралните и градските панаѓури, националните симболи, културната меморија, но и неколку нијанси на женски приказни, а ќе имаме и гостувачки изложби. Ќе ни гостува Музејот на Југославија со изложбата „Царските дарови“. Оваа година се навршуваат 40 години од смртта на Јосип Броз Тито, така што македонската публика ќе има можност да види луксузна изложба со неговите лични предмети.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 20, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 29 февруари – 1 март 2020 година)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот