Популистичка есен во Европа го разнишува естаблишментот

Роберт Фицо е на прагот да се врати на премиерската функција - Фотографија ЕПА, Мартин Дивишек

Сите овие се многу, многу различни партии. Заедничко им е тоа што се против естаблишментот. Фактот дека секоја од нив ќе има важна улога на изборите покажува до кој степен е фрагментирана и поларизирана политиката во Европа. Не важат старите правила и сѐ е флуидно, смета Катерине Фјески, експертка за десничарски популизам, говорејќи за изборите во Словачка, Полска и во Холандија

Три европски земји есенва може да ги променат своите влади и да предизвикаат голем пресврт и нови поделби на европската политичка сцена. Словачка на 30 септември, Полска во октомври и Холандија во ноември одат на избори, на кои е мошне веројатен успех на десничарски и евроскептични популисти.

Роберт Фицо, кој не ја крие својата наклоност кон политиката на Москва, е главниот фаворит за победа на парламентарните избори во Словачка в недела. Популистичката, националистичка и социјално конзервативна Смер-СД на Фицо убедливо води на анкетите и се очекува да освои 21 отсто од гласовите, а мошне е веројатно дека за да состави влада, ќе мора да направи сојуз со екстремната Републиканска партија, која е четвртопласирана на анкетите.

Фицо веќе беше премиер од 2006 до 2010 година и од 2012 до 2018 година, сѐ додека не падна по масовните протести по убиството на младиот новинар Јан Куцијак и неговата девојка. Фицо веќе ги обвини „украинските фашисти“ за поттикнување на воената инвазија, отворено се спротивставува на „бесполезните и контрапродуктивни“ санкции против Москва, најавува дека ќе ја запре воената помош од Словачка за Украина, а прозападниот словачки претседател го нарекува „марионета на САД“. Во кампањата му помага изразеното проруско чувство во Словачка. Само 40 отсто жители на Словачка, помалку отколку во која било друга земја во ЕУ, ја обвинуваат Москва за инвазијата“.

Валкани избори во Полска

Изборите во Полска на 15 октомври се најавуваат како „најтесни, највалкани и најважни“ со децении наназад. Анкетите укажуваат дека ниту конзервативната Партија на правото и правдата (ПИС) на Јарослав Качински ниту Граѓанската платформа на Доналд Туск веројатно нема да можат самостојно да формираат влада, но на владејачката ПИС ѝ се дава можност да го задржи мнозинството заедно со уште подесничарската Конфедерација, во која се збрани тврдокорни националисти што пропагираат теории на заговор.

Лидерот Славомир Менцен своевремено изјави дека се шегувал кога кажал дека „неговите поддржувачи се против Евреите, абортусот, даноците и ЕУ“, но партијата ги привлече младите и разочарани гласачи.

Холандскиот Макрон

Во Холандија, пак, рани фаворити беа руралните популисти од Движењето на фармери и граѓани (БББ), кое извојува победа на провинциските избори во март. Но, рејтингот на БББ од 22 отсто во мај се преполови на 11 отсто, а сега на анкетите доминира новоформираниот Нов социјален договор, на чело со поранешниот пратеник Пјетер Омцигт, кој ја собори владата на премиерот Марк Руте по скандалот со детскиот додаток за 20.000 семејства. НСЦ има повисок рејтинг од либералните конзервативци на Руте, а Омцигт се наметнува како „холандскиот Макрон“ – центрист што е против естаблишментот и веќе соборил влада.

– Сите овие се многу, многу различни партии. Заедничко им е тоа што се против естаблишментот. Фактот дека секоја од нив ќе има важна улога на изборите, покажува до кој степен е фрагментирана и поларизирана политиката во Европа. Не важат старите правила и сѐ е флуидно – смета Катерине Фјески, експертка за десничарски популизам.

Таа очекува дека граѓаните разочарани од етаблираните политички партии „ќе се определат за нешто ново“. На тоа ја наведуваат податоци од истражувања. Речиси секој трет жител на Европа, од Финска до Италија, лани гласал за блок или коалиција во која учествува или која има поддршка од екстремни десничарски партии.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот