Поплаки за неисплатен К-15 се трупаат во Трудовиот инспекторат од првиот ден по Нова година

Колеги соработници
Фото: Pexels/fauxels

Почест случај кога работодавачите не им исплаќаат регрес за годишен одмор на работниците е кога тие се веќе одјавени од работа, односно им престанал работниот однос, а се стекнале со правото на надоместок за регрес за годишен одмор, за што Државните инспектори на труд носат решенија за отстранување на овој недостаток во законски даден рок, изјавија од Државниот инспекторат за труд.

Уште првиот ден по Нова година почнале да стигаат претставки за неисплатен К-15 во Државниот инспекторат за труд. Од Инспекторатот, за „Слободен печат“ изјавија дека веќе тргнаа во вонредни надзори, да видат што се случува на терен. За минатата година, пак, велат дека беа доставени вкупно 415 пријави за неисплатен надоместок за регрес за годишен одмор, и по сите е постапено и од државните инспектори за труд.

– Почест случај кога работодавачите не им исплаќаат регрес за годишен одмор на работниците е кога тие се веќе одјавени од работа, односно им престанал работниот однос, а се стекнале со правото на надомест за регрес за годишен одмор, за што Државните инспектори на труд носат решенија за отстранување на овој недостаток во законски даден рок – изјавија од Државниот инспекторат за труд.

Од Здружението „Гласен текстилец“ соопштија дека во првите денови од 2024 година до нив стигнале 2.000 поплаки за нецелосен К-15. Според Општиот колективен договор за стопанството, работникот има право на надоместок за регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40% од основицата, под услов да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач. Основицата за пресметување преставува просечната месечна нето-плата по работник во државата исплатена во последните три месеци. Ова значи дека ако на крајот на 2023 година е исплатен К-15, фирмите се должни да исплатат по околу 15.000 денари. Но, работодавачите со години „се вадат“ на еден недоречен член од Општиот колективен договор за стопанството, во кој пишува:

„Кај работодавачите кај кои настанале тешкотии во работењето, ценејќи ја економско-финансиската состојба на работодавачот, по задолжителна претходна консултација со синдикатот на ниво на гранка односно оддел, со спогодба потпишана од работодавачот и репрезентативната синдикална организација може да се утврди регрес за годишен одмор во помал износ од износот утврден со овој колективен договор. Кај работодавачите во кои нема формирано синдикат спогодбата се потпишува со избран претставник од работниците“.

Така, овој член овозможува произволно толкување на тоа што се „тешкотии во работењето“, затоа што Колективниот договор што има сила на закон, дури и не прецизирал дека станува збор за фирма во загуба, што значи дека тешкотиите не мора да значат загуба. Овој член датира од
летото 2015 година кога се вметна со Измени на Општиот колективен договор. За неговата непрецизност, реакции низ годиниве имало како од Трудовиот инспекторат, така и од раководството на Сојузот на синдикати (ССМ).

– Ваквиот договор го наследивме со потпис од тогашниот претседател Живко Митревски од претходното раководство кој немаше овластување од Претседателството на ССМ за да потпише таква спогодба на штета на работниците. На Колективниот договор за стопанството има два потписа, едниот од Синдикатот, а другиот од Организацијата на работодавачи. Ние, особено од 2017 година, се обидуваме да го тргнеме тој штетен член, но не успеваме да ги натераме работодавачите да седнат на маса, да разговараме и да го решиме овој проблем – изјави за „Слободен печат“ Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.

Покрај вработените во приватниот сектор, од минатата година право на регрес за годишен одмор имаат и вработените во јавниот сектор, во согласност со Општиот колективен договор за јавниот сектор. Според член 21 од ОКД за јавниот сектор, вработените во јавниот сектор имаат право на регрес за годишен одмор, во висина од најмалку 30% од основицата, под услов работникот да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач, а регресот за годишен одмор за 2023 година изнесува 10.000 денари во нето-износ.

– Со колективен договор на ниво на сектор, оддел или група или колективен договор на ниво на работодавач, може да се утврди регрес за годишен одмор во поголем износ од износот утврден со овој колективен договор – појаснуваат од Државниот инспекторат за труд.

Како да се пријави кршењето на правото?

Од Државниот инспекторат на труд велат дека претставка за неисплатен надоместок за регрес за годишен одмор до нив може да се достави преку: телефонски број за јавување и пријавување на неправилностите + 389 2 3224504; пријавување на веб-страницата на Инспекторатот на следната адреса [email protected]; како и писмено доставување претставки на адреса: бул. „Партизански одреди“ бр. 48-а Скопје.
Оттаму велат и дека „според член 115 од Законот за работните односи, паричните побарувања од работен однос застаруваат во рок од три години од денот на настанувањето на обврската“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот