Половина век заложници на уредите што го „ослободија“ човекот

Марти Купер тестира нов телефон на саем во Барселона - Фотографија ЕПА, Алехандро Гарсија

Пред точно половина век, на 3 април 1973 година Марти Купер влезе во историјата како човекот што ги кажал првите зборови преку мобилен телефон, кој самиот го дизајнирал

Еден ден светот ќе ги фрли црните плочки што ги носи во џебовите, со кои разговара со најблиските, се информира, работи, игра, гледа филмови и слуша музика. Нема да му бидат потребни зашто телефоните ќе се инјектираат како микрочипови во телото.

Луѓето отрпнаа од вакви слични бомбастични предупредувања за иднината, но треба сериозно да се замисли кога доаѓаат од Марти Купер, човекот што го измисли првиот мобилен телефон.

Пред точно половина век, на 3 април 1973 година Купер влезе во историјата како човекот што ги кажал првите зборови преку мобилна телефонска врска. Тој е конструкторот на првиот мобилен телефон во историјата, изработен од компанијата „Моторола“, кој во модификувана верзија беше промовиран на пазарот десет години подоцна. Како главен инженер во одделението за развој во американскиот телекомуникациски гигант, Купер бил убеден дека телефонот би бил многу попрактичен ако може да се користи и кога не е поврзан со жици во мрежата, зашто така би бил личен уред, а не на некое домаќинство, канцеларија или биро. Луѓето би биле многу послободни кога би можеле да комуницираат од каде било, кога било, со кого било, сметал Купер.

Денес, половина век подоцна, мобилните телефони и уште помодерните смартфони не се само ослободуваат, туку се и апарати што го врзуваат корисникот, заробувајќи го во нова форма на зависност.

Луѓето денес практично се изгубени без телефон во џебот. Користат и по неколку уреди во исто време за различни потреби – еден за работа, друг за семејството и пријателите, трет за сурфање по интернет. Мобилните телефони денес се и дигитрони, часовници, тефтери, батериски светилки, фотоапарати, камери, компаси, мапи, будилници, радиоапарати, телевизори, весници, инструктори, професори, книги, галерии, шалтери, музички инструменти, супермаркети, казина и што уште не.

Марти Купер тестира нов телефон на саем во Барселона – Фотографија ЕПА, Алехандро Гарсија

На секој човек по два телефона

Ретки се оние што имаат само по еден мобилен телефон. На планетава денес има двојно повеќе мобилни телефони отколку што има луѓе. На почетокот на 2023 година, според проценките на шведскиот гигант „Ериксон“ имало 6,92 милијарди смартфони и уште 7,33 милијарди мобилни телефони – и тоа сметајќи само тие што се активно се користат. Од 8 милијарди луѓе на планетата, просечно 86,3 отсто поседуваат смартфон, а 91,4 отсто мобилен телефон. Тоа е само просек, бидејќи многумина имаат и по неколку апарати, а бебињата и децата не користат мобилни телефони, барем не сѐ уште. Повисок од глобалното население е и бројот на мобилни претплатници, според проценки на обединетите нации вкупно 11,148 милијарди.

Овие огромни бројки упорно се зголемуваат од година на година. Не толку одамна, во 2016 година, имало само 3,67 милијарда корисници на мобилни телефони, што било под половината од глобалното население. Уште побрзо расте употребата на телефоните како уреди за пристап до интернет. Светскиот центар за рекламирање проценува дека веќе во 2025 година дури 76 отсто од сообраќајот на интернет ќе се одвива преку смартфони, за разлика од 57 отсто денес.

Од сите овие податоци, јасно е само тоа дека обичните „фиксни“ телефонски апарати, оние врзани за жица, речиси и да ги нема по домовите и канцелариите, а да не говориме за уличните телефонски говорници и услугите во поштите. На глобално ниво денес има по едвај 16,7 фиксни телефони на секои 100 жители. Најмногу се задржале во Европа, каде што има по 34 фиксни апарати на секои сто жители.

За да се задоволат сѐ поголемите апетити на корисниците, а со тоа да се зголеми и продажбата на нови модели, се надградуваат капацитетот на мрежите и брзината на пристап. Првата генерација мобилни телефони, како „тулите“ што ги конструирал Купер, била поврзана на мрежа од „нулта генерација“. Денес на корисниците им е достапна мрежа од петтата генерација, се развива и шестата, но најмногу се оптоварени четвртата и третата, кои овозможуваат симнување информации со брзини за кои само сонувале операторите во компјутерските центри на почетокот на овој век. Техничките спецификации на стандардот ГСМ биле одобрени во 1987 година, со цел да се премостат разликите помеѓу различните национални системи и оперативните фреквенции. Во 1987 година 22-годишниот Нил Папворт ја испратил првата „кратка порака“ преку мобилен телефон: „Среќен Божик“, до директорот на операторот „Водафоун“, Ричард Џарвис. На крајот на изминатиот век биле креирани и како епидемија се прошириле првите емотикони, измислени од Јапонецот Шигетака Курита. Во Јапонија бил пласиран и првиот телефон со камера.

Низ годините и децениите брзо се менуваа и димензиите и способностите на мобилните телефони. На почетокот се појавија „тули“ со антени што тежеа повеќе од вистински тули и кои не ги собираше ни во најдлабоките џебови. „Моторолата“ на Купер тежела 1,1 килограм. Низ годините се намалуваа димензиите на апаратите, сѐ додека не станаа премали за да има доволно простор за копчињата со броеви. Во тоа време со светот царуваше неуништливиот 3310 на „Нокиа“.

Чип зад увото

Но, телефоните со копчиња брзо беа истиснати од новото технолошко чудо – екранот на допир. Апаратите повторно „растеа“ сѐ додека не стигнаа до идеални ергономични димензии и потоа сите модели практично се идентични еден на друг – мали црни плоснати кутии. Сега се разликуваат според оперативниот систем, оној на ајфоните на „Епл“ против „андроидите“ во речиси сите други модели.

Марти Купер, пионерот на мобилната телефонија, е убеден дека трансформацијата не само што не запрела, туку ќе биде уште порадикална.

– Следната генерација луѓе ќе има вградени телефони зад ушите. Нема да има потреба за полнење на батерија преку елекртричната мрежа. Вашето тело е перфектен полнач. Кога јадете, вашиот организам создава енергија, така? Мал дел од таа енергија ќе биде потребна за да се нахрани апаратот зад вашето уво – вели визионерот.

Таква технологија веќе се развива од големите технолошки гиганти. „Невралинк“, финансирана од Илон Маск, на пример, работи на создавање на чип што би се вградувал под кожата и кој преку интерфејс би се полнел со информации, или би префрлал складирани податоци на преносен уред.

Купер вели дека иако новите апарати се далеку помоќни од „тулите“ од пред половина век, тие се пресложени за користење, поради напливот од апликации. Тој забележува дека наспроти зголемениот број на корисници, пазарот на мобилни телефони стагнира веќе со години, бидејќи производителите удриле во иновациски ѕид. Купер ја препознава и зголемената зависност од уредите за комуникација, особено затоа што се прозорец до социјалните мрежи.

– Приватноста е многу сериозен проблем. И зависноста е проблем. Тоа се несаканите последици од мојата креација – вели авторот на првиот мобилен телефон.

Купер, сепак, е оптимист дека во блиска иднина ќе бидат надминати овие проблеми.

– Не ја губам довербата во човештвото. На луѓето денес им е подобро. Подолго живеат, побогати се и поздрави отколку кога било порано. Имаме подеми и падови, но човештвото главно напредува – вели Марти Купер.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот