Половичен сезонски ефект на македонската клупска перјаница: „Црно-бела“ сезона за МЗТ Скопје Аеродором

Кошаркарите на МЗТ Скопе Аеродром ја слават титулата во првенството (фото КФСМ)

„Металците“ од една страна демонстрираа апсолутна надмоќ на домашната сцена каде убедливо дојдоа до трите титули. Од друга страна, во АБА лигата доживеаја неуспех, испаднаа по само една сезона. Веројатно оваа резултатска спротивставенот ја покажува разликата во квалитет на целата наша клупска сцена во однос на регионалната

Помина сезоната која за македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје Аеродром беше „црно-бела“, односно аеродромци ја демонстрираа својата апсолутна надмоќ на домашната сцена, но, доживеаја неуспех на меѓународната сцена, во регионалната АБА лига.

„Металците“ со импресивна доминација стигнаа до титулите во Првата лига и во Купот на Македонија, но испаднаа од АБА лигата, натпреварување каде опстанокот им беше примарна цел за сезонава.

Спротивставеноста на домашните резултати на нашиот шампион во однос на оние што ги постигна во регионалната лига веројатно ја покажува разликата во квалитет на целата наша домашна клупска сцена во однос на квалитетот во регионот. На наша штета.

Надмоќно делуваше најдобриот македонски кошаркарски клуб во натпреварите во Македонија. Против македонските конкуренти сезонава МЗТ Скопје одигра вкупно 33 средби во кои оствари 31 победа, претрпе само два пораза и освои три трофеи (Суперкупот, Купот на Македонија и Првенството).  Финалната плејоф серија против Пелистер, шампионот ја доби со убедливи 3-0.

Сепак МЗТ Скопје потфрли во АБА лигата, која беше истакнувана од страна на клубот како приоритено натпреварување во сезоната 2022/2023.

МЗТ Скопје се врати во АБА лигата по четири сезони пауза, но не успеа да опстане и идната сезона ова регионално натпреварување повторно ќе нема претставник од Македонија.

До последното коло се бореа аеродромци за опстанок, но не успеаја. МЗТ Скопје заедно со Борац Чачак имаа најслаб скор во регуларниот дел од сезоната, односно забележаа по 19 порази и само по седум победи. Но македонскиот клуб заработи последно место и директна елиминација, поради послабиот меѓусебен скор со чачани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот