Полјаци закупиле македонски хотели за наредните две години – Слободен печат
ВестиВи ПрепорачувамеЕкономија

Полјаци закупиле македонски хотели за наредните две години

Агенции од Полска закупиле хотели во Македонија за наредните две години. Во 2018 година во однос на 2017 година бројот на полските гости се зголемил за 55 отсто, а во првите пет месеци уште за 30 отсто.

Туристите од Полска се повеќе ја одбираат Македонија за своја дестинација. Во просек тука остануваат по 3,5 ноќи, но поради интересот што се зголемува во последните години, како што информираа од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, полски туроператори закупиле хотели во Македонија за наредните 2 години.

Податоците покажуваат дека во изминатите 5 месеци најголем пораст на гости во однос на истиот период од претходната година има токму од Полска, каде бројот на гостите е зголемен за 30 отсто, потоа од Грција со пораст од 39 отсто, Хрватска со 12 и Бугарија и Романија со зголемен број на гостувања во нашата земја за 11 отсто.

– Полскиот туристички пазар е значаен за македонскиот туризам, во поглед на бројот на туристите и остварени ноќевања. Минатата година, во однос на 2017 година,  бројот на полските туристи  е зголемен за 55 проценти – рече Љупчо Јаневски, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

Во мај намален број на гости

Во првите 5 месеци од годинава Македонија ја посетиле 222.946 странски гости и тој број е речиси ист со истиот период од лани, објави Државниот завод за статистика. Но, она што загрижува е што во мај се намалил бројот на туристите и тоа за 4,8 отсто, а бројот на ноќевањата  за 2,8 отсто.

Сепак, директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Љупчо Јаневски е задоволен од бројот на гостувањата и очекува дека годинава ќе ја завршиме со повеќе од 1,3 милиони гости, домашни и странски. Намалувањето на бројот на туристите тој го лоцира во намалувањето на бројот на гостите од Турција, кој се и најбројни гости во Македонија.

– Турскиот пазар најмногу паѓа. Во 2018 година падот е 10 отсто, а во првите 5 месеци од годинава 31 отсто.Тоа пред се должи на кризата во Турција. Бројот на турските гости не е намален само кај нас, туку и во целиот Адриатик регион. Дополнително, во мај беа и рамазанските пости – вели Јаневски и нагласува дека за да се привлечат што повеќе турски гости организирано е во Македонија да дојдат 20-тина туроператори од Измир.

Ќе привлекуваме авантуристи што се качуваат по карпи

Јаневски гледа уште многу можности за развој на туризмот во Македонија. Тој рече дека тој треба да биде насочен кон екотуризам, агротуризам и авантуристички туризам.

– Агенцијата за туризам во соработка со институциите, здруженијата и сите инволвирани целосно ги реализираше проектите за спортско качување и алпинизам.  Низ карпести предели се ставени 1.150 „клинови“ за качување. Во постапка е реализацијата на проектите за 10 најкачувани врвови во Македонија и одбележување на неколку правци на качување на Бислимска клисура – Куманово и поддршка за развој на локалитетот Кукље село Нов Истевник, делчево – рече Јаневски.

Во однос на екотуризмот пак, тој вели дека се неопходни еководичи за да може да има развој. Инаку, како што нагласи директорот, во Европа овој вид на туризам многу се развива и има многу можности за привлекување гости.

Ќе има туристички инспектори

Директорот Јаневски нагласи дека за понатамошен развој на туризмот неопходни се туристички инспектори.

– Ние сме единствена земја во регионот што нема туристичка инспекција што би ги регулирала правата на туристите. Во одредени земји има и туристичка полиција што помага туристите да се чувствуваат побезбедно на одредена дестинација.Секаде туристичката инспекција е во надлежност на националната туристичка агенција и се надевам дека набргу и кај на  ќе се формира – вели Јаневски.

Во однос на субвенционирањето, Јаневски смета дека сегашниот модел не дава најдобри резултати и дека е потребно за сите земји да се даваат исто субвенции, поголеми субвенции да има за донесени гости вон сезона, а субвенционирањето да зависи и од бројот на ѕвездите на сместувањето, но категоризацијата да биде вистинска, односно хотел со 3 ѕвезди да биде како таков хотел од светски ранг.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close