Политички труења: Токсичната судбина на дисидентите

epa08617811 German Bundeswehr paramedics bring back an empty Epishuttle stretcher into a vehicle used in the transport of car convoy in front of the clinic after Russian opposition activist Alexei Navalny arrived at Charite clinic in Berlin, Germany, 22 August 2020. Navalny was first placed in an hospital in Omsk, Russia, after he felt bad on board of a plane on his way from Tomsk to Moscow. The flight was interrupted and after landing in Omsk Navalny was delivered to hospital with a suspicion on a toxic poisoning. The hospital management agreed on 21 August 2020 to transport Navalny to a German hospital for further treatment. EPA-EFE/CLEMENS BILAN

Случајот на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, за чиј живот во овие моменти се борат лекарите во берлинската болница „Шарите“, сѐ уште, барем не официјално, не е потврден како атентат со труење, иако токсините регистрирани во неговата крв и урината, како и притисоците и постојаното следење од агенти, потсетуваат на низа други случаи на обид за елиминирање на политичките противници на Кремљ.

Пред четири години Британија ја згрози труењето на двојниот руски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија во мирното англиско гратче Созбери. Претходно, исто така во Британија, уште посурова судбина го снајде пребегнатиот руски агент Александер Литвиненко, а од своите дози отров куртулија новинарката Ана Политковскаја, украинскиот лидер Виктор Јушченко. Низата е долга и застрашувачка – бизнисменот Роман Цепов, опозиционерот Владимир Кара-Мурза, асасинот Николај Хохлов, дисидентот Георги Марков… Отровите се од најразличен вид, од класичните врз база на цијанид, природниот рицин, преку разни пестициди, воени нервни агенси, па сѐ до радиоактивни изотопи на полониум или талиум. Обично се „сервираат во чај“, но може да бидат доставени и со други средства, како со веќе легендарниот „бугарски чадор“.

Отровот е најстарото оружје на атентаторите уште од античко време. Иако се понесигурни средства за елиминирање на непријателите во споредба со истрелите, рафалите и експлозиите, отровите и денес се главното оружје во арсеналот на атентаторите, особено од државните тајни служби, затоа што полесно се прикриваат трагите што водат кон убијците и со години остануваат обвиени во мистерија

– Отровите имаат две главни карактеристики, суптилност и театралност. Можете во кој било случај да ја отфрлите одговорноста, а виновникот тешко се пронаоѓа. Отровот делува бавно, можеби и по неколку дена, што на атентаторот му остава доволно време да се оддалечи и да ги прикрие трагите – вели за Би-би-си професорот Марк Галеоти, руски експерт во Кралскиот институт за здружени служби.

Чајот на Алексеј Навални

Russia, 22 October 2018. EPA-EFE/MAXIM SHIPENKOV

Рускиот опозициски лидер Алексеј Анатолјевич Навални во изминатите десетина години не го замолкнаа низа физички напади, смртни закани и судски пресуди, поради гласните критики кон политиката на Кремљ, водењето кампањи против корупцијата и организирањето антивладини демонстрации. Особено е популарен на социјалните медиуми, каде што има многу следбеници, и поради што важи за најсериозниот политички противник на Кремљ.

Неговиот случај се вклопува во оценката на професорот Галеоти.

На Навални ненадејно му се слошило додека со комерцијален лет на 20 август патувал за Москва од сибирскиот град Томск. Состојбата на Навални била толку критична што пилотот итно слетал во Омск за да му биде спасен животот на патникот. Ако Навални ја примил токсичната доза непосредно пред летот, тоа на атентаторот му оставило и време и растојание за да ги прикрие трагите.

Претставничката Кира Јармуш смета дека отровот му бил сервиран на Навални во црниот чај што го испил во кафетерија на аеродромот во Томск. Таа тврди дека освен чајот, Навални не се напил ништо друго и не јадел ништо пред летот за Москва.

По молбите од сопругата на Навални и дипломатски притисокот врз рускиот претседател Владимир Путин од Париз, Берлин и Хелсинки, руските власти во саботата дозволиле болниот опозициски лидер во состојба на индуцирана кома да биде префрлен на лекување во Германија. Првите испитувања од берлинската болница „Шарите“ покажаа дека Навални бил отруен од супстанца од групата инхибитори на холинестераза, кои ги има во пестициди, но и во нервните бојни отрови како сарин, ве-икс или озлогласениот советски агенс „новичок“. Овие воени бојни отрови ги блокираат мозочните сигнали до мускулите, предизвикувајќи грчења, тешкотии при дишење и аритмија.

Скриената природа на бојните отрови

Воените нервни агенси од овој тип се сметаат за најтоксични од широкиот спектар органофосфати. Многу тешко може да се открие и нивното потекло. Благи органофосфати, кои не се критично токсични, се користат во инсектициди и за разни медицински терапии. За да се утврди прецизниот тип на отровната супстанција, потребни се низа тестови во софистицирани лаборатории. Во болнички лаборатории во кои нема такви скапи апарати, воопшто не може да се изолира отровот.

Соработниците на Навални тврдат дека тој бил отруен, но руски лекари и властите во Москва категорично ги отфрлаат овие тврдења и наведуваат дека не биле откриени токсини во примероците на крв и урина земени во болницата во Омск. Лекарите од сибирската болница оцениле дека на Навални му се слошило зашто му паднало нивото на шеќер во крвта.

Главен доктор на болницата за итна медицинска помош -1 на Омск Александар Мураховски (Ц) разговара со медиумите по совет со советници од Москва за случајот Навални во Омск, Русија, 21 август 2020 година. EPA-EFE/MAXIM KARMAYEV

Анализирајќи ги реакциите на Кремљ, експерти не ја отфрлаат можноста дека државните служби во Москва навистина немаат врска со труењето. Како гласен извор на низа корупциски афери на разни нивоа во земјата, Навални е трн во окото и на многумина бизнисмени и локални моќници.

– Се чини дека државата е фатена во расчекор, што укажува дека ова не било централно планирана операција. Ова укажува дека било дело на моќник во Русија – оценува професорот Галеоти.

Дмитриј Песков, претставникот на рускиот претседател Путин, истакна дека дијагнозата од берлинската болница не е дефинитивна, поради што нема причини да се отвори криминална истрага за случајот. Песков нагласи дека Кремљ му посакал брзо закрепнување на Навални кога ја дал дозволата да биде префрлен со авион во Берлин.

Чајот на Александер Литвиненко

На идентичен начин пред 14 години беше затруен пребегнатиот руски агент Александер Литвиненко, но во чајот што му бил послужен во хотелскиот ресторан во Лондон имало многу посмртоносна супстанција – радиоактивниот изотоп полониум 210.

Литвиненко, агент на руската Федерална служба за безбедност, наследничката на КГБ, во 2000 година пребегнал во Британија и од „удобна далечина“ гласно ги критикувал претседателот Путин и ФСБ. Тој напишал книга во која тврди дека агенти на ФСБ биле соучесници во бомбашките напади врз станбените комплекси во Москва, Бујнакск и Волгодонск, кои официјално им беа припишани на чеченски сепаратисти, наводно за да се оправда нова воена интервенција во кавкаскиот регион и за да се засили рејтингот на Путин.

Само неколку години подоцна Литвиненко ненадејно и тешко се разболел откако во лондонски хотел испил чај со двајца поранешни колеги – Дмитриј Ковтун и Андреј Луговој. Во болница констатирале дека Литвиненко примил смртоносна доза од исклучително радиоактивниот изотоп и дека нема начин да му се спаси животот. По три недели во агонија, Литвиненко почина, а британската полиција откри траги од полониум на местата на кои се движел Ковтун. Вдовицата Марина Литвиненко за атентатот обвини високи офицери во Москва, иако оцени дека претседателот Путин лично не ја дал наредбата за елиминирање на нејзиниот сопруг.

Чајот на Ана Политковскаја

Фото: ЕПА, Максим Шипенков

Новинарката Ана Политковскаја, слично на Навални, имала неброени непријатели во Русија поради своите репортажи и анализи за воената интервенција во Чеченија. За време на заложничката драма во основното училиште во Беслан во 2004 година, ненадејно ѝ се слошило откако испила чај додека летала со авион кон Северна Осетија. Иако официјално не е потврдено, таа била убедена дека во чајот имало отров. Таа раскажа дека кога се разбудила во болничкиот кревет, медицинската сестра ѝ шепнала: „Драга моја, се обиделе да те отрујат“.

Две години подоцна, Политковскаја беше смртно застрелана во лифтот во нејзината зграда.

Сергеј и Јулија Скрипал

Поранешниот двоен шпион Сергеј Викторович Скрипал го преживеа нападот со силен отров, во кој ќе настрадаше и неговата ќерка Јулија. Шеесет и шестгодишниот Скрипал и неговата 33-годишна ќерка во март 2018 година беа пронајдени во бессознание на клупа пред трговски центар во мирниот англиски град Созбери. Лекар и медицинска сестра што случајно поминувале покрај клупата издејствувале офицерот и неговата ќерка итно да бидат префрлени во болница. Тие биле ставени во индуцирана кома за да им се заштитат виталните органи, а лабораториските испитувања покажале дека биле отруени од советскиот боев агенс „новичок“, десетпати посилен од сродните отрови сарин и ве-икс.

Сергеј Скрипал – ЕПА, Јури Сенаторов

Реагирајќи на резултатите од истрагата тогашната британска премиерка Тереза Меј јавно ја обвини Москва за труењето и како одговор објави протерување на 23 руски дипломати од Лондон. Животите на Сергеј и на Јулија Скрипал им беа спасени, а по целосното заздравување беа префрлени во Нов Зеланд, со нови идентитети. До денес нема јавно достапни информации како биле отруени, но неполни два часа пред да бидат пронајдени на клупата биле во ресторанот „Ѕиѕи“ во центарот на градот.

Аритмиите на Владимир Кара-Мурза

Рускиот опозициски политичар Владимир Кара-Мурза двапати бил посилен од отровот со кој требало да биде убиен. Во 2015 година ненадејно му се слошило додека бил на состанок.

– Во време од околу 20 минути, од сосема нормална состојба почна забрзано да ми чука срцето, ми се крена притисокот, се потев и повраќав, а потоа изгубив свест – изјави Кара-Мурза за весникот „Њујорк тајмс“ во 2016 година. Лекарите откриле дека тој бил отруен со непознат токсин.

Фото: ЕПА, Салваторе ди Нолфи

Само една година потоа, Кара-Мурза се извлекол од нов напад со отров.

– Веднаш знаев дека ме отруле, бидејќи поминав низ речиси идентични тегоби – изјави Кара-Мурза за Ен-би-си.

По второто пуштање од болница, лекарите му кажале дека мошне веројатно нема да преживее трето труење.

Модрото лице на Виктор Јушченко

Во екот на предизборната кампања во Украина во 2004 година, водечкиот кандидат Виктор Јушченко ненадејно се разболе и престана да се појавува на митинзите пред своите прозападни симпатизери. Кога повторно се појави, неговото лице веќе беше помодрено и изобличено.

Виктор Јушчено пред и после труењето/ Фотографии: ЕПА

 

Лекарите откриле дека Јушченко примил речиси смртоносна доза од силниот отров диоксин.

Сериозно нарушеното здравје не го спречи Јушченко да биде избран за претседател. До денес никој не ја презел одговорноста за неговото труење, иако првичните обвинувања беа на адресите на тајните служби на Украина и на Русија. Не се сосема разјаснети ни шпекулациите дека атентаторите воопшто немале намера да го убијат Јушченко, туку внимателно го дозирале отровот само за да го изобличат неговото лице и така да го спречат да победи на изборите.

Бугарскиот чадор на Георги Марков

Атентатот врз бугарскиот дисидент Георги Марков во 1978 година денес е најпосочуван симбол на шпионските пресметки од времето кога кулминираше Студената војна. На пат кон своите канцеларии во Би-би-си, Марков чекал автобус кај мостот „Ватерло“ во Лондон, кога друг минувач ненадејно со врвот на чадор го боцнал во ногата. На Марков брзо му се слошило и бил префрлен во болница, во која починал по четири дена. При аутопсијата, од ситната рана во ногата била извадено ситно зрно, а во крвта траги од рицин – исклучително моќен отров со природно потекло.

Денес се смета дека атентатот го извршил агент на бугарската тајна служба, но со стручна помош од советската КГБ.

Неуништливиот Григориј Распутин

Мистикот Григориј Ефимович Распутин сосема сигурно не бил светец како што се претставувал во царскиот двор на Николај Втори, но имал натприродна моќ да истрпи и отрови и куршуми. Кнезот Феликс Јусупов, зет на царот Николај Втори, во декември 1916 година го поканил Распутин во својот дом со единствена цел да го убие. Кнезот раскажал дека го послужил гостинот со чај и колачи „зачинети“ со цијанид. Но, на големо изненадување на подмолниот домаќин, Распутин го сркнал чајот и се заблажил со колачите без да покаже какви било симптоми на труење. Дури испил и три чаши вино, кое исто така било затруено. Јусупов потоа се фатил за пиштолот, но и куршумот в гради не го убил Распутин, кој го нападнал убиецот и за малку ќе избегал, ако повторно не бил застрелан од вториот конспиратор, политичарот Владимир Пуришкевич.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот