Полицијата заплени околу сто килограми марихуана, уапсени се три лица

Фото: МВР

Во вчерашна акција за сузбивање на недозволената трговија со дрога полицијата во Неготино уапси три лица од Скопје, откако при претрес на возила пронајде висококвалитетна марихуана во вредност од околу 300.000 евра и два пиштоли без дозвола.

При преглед на возило „Мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, полицијата вчера пронајде четири патни торби со околу сто килограми висококвалитетна марихуана во вредност од околу 300.000 евра. Како што информира Министерството за внатрешни работи, марихуаната најверојатно потекнува од фабрика за производсто на масло од канабис за медицински цели, а при улична продажба би достигнала цена од 600.000 евра.

Фото: МВР

Имено, околу 20:00 часот на булевар „Маршал Тито” во Неготино, полициски службеници дале наредба за запирање на возило „Шкода октавија” со скопски регистарски ознаки, но возилото не застанало, а веднаш потоа било запрено патничкото возило „Мерцедес”. Притоа, возачот Б.А. се обидел да избега, но набргу бил фатен, а при преглед во возилото била пронајдена дрогата. Набргу, по преземени мерки било пронајдено и запрено и возилото „шкода октавија”, кое го управувал М.А., а совозач бил Н.А., кое играло улога на претходница на возилото „мерцедес”. Подоцна, со судска наредба, биле извршени претреси во домовите на приведените лица, при што кај М.А. биле пронајдени и одземени два пиштола, кои ги поседувал без дозвола, информираше Сузана Прањиќ Талевска од МВР.

Во текот на денешниот ден предвидено е полициски екипи да извршат вонредна контрола во фабрики кои произведуваат масло од канабис за медицински цели, а се во околина на Кавадарци и Неготино.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот