Полицијата поднесе пријава против млада скопјанка за наводна измама сторена пред пет години

Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

33-годишна жителка на Скопје доби кривична пријава откако полицијата утврдила дека пред пет години (во 2018 година) искористила лажни документи дека работи во Министерството за транпорт и врски, за да подигне три кредити од по 5.000 евра од три различни банки во главниот град, соопшти МВР.

„Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје поднесе кривична пријава против А.С.(33) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама при добивање кредит или друга погодност” по член 249 од Кривичниот законик. Пријавената, во текот на 2018 година, во три различни банки приложила фалсификувана документација, лажно прикажувајќи дека е кредитоспособна и дека е во редовен работен однос во Министерството за транспорт и врски и на тој начин успеала да ги доведе во заблуда службените лица од трите банки да ѝ одобрат кредити“, се вели во соопштението од МВР за случајот што го решиле по цели пет години, со дополнителна информација дека жената, која во времето кога според МВР наводно ја извршила измамата веројатно би можела да се нарече девојка (имала 28 години), ги оштетила банките за суми од по 5.000 евра.

За делото што ѝ се става на товар на пријавената скопјанка, во Кривичниот законик е предвидена максимална казна од три години затвор, што го прави уште почуден случајот со неверојатното долгата полициска истрага која резултирала со кривичната пријава за која денеска јавува МВР.

„Тој што со намера за себе или за друг да прибави кредит, инвестициони средства, субвенција или друга погодност за вршење дејност на кредитодавателот или на надлежниот за одобрување таква погодност ќе му даде невистинити или нецелосни податоци за имотната состојба или други податоци значајни за добивање на кредитот или друга погодност, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години“, пишува во членот 249 од Кривичниот законик.

„На тој начин пријавената се стекнала со противправна имотна корист во вкупен паричен износ од 907.561 денари, измамувајќи ги банките за паричен износ од 300.000, 307.561 и 300.000 денари“, се додава во денешното соопштение од МВР.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот