Покрај пари останала без пари – банкоматот ѝ ги „грабнал“

Илустрација банкомат / Фото Архива

Ако се случи при внес на пари преку банкомат, трансакцијата да не се реалзира, граѓаните не треба да паничат, тие ќе си ги добијат парите, но за тоа треба да почекаат, можеби и една недела. Проблем е што ако тоа им се последни пари, или ако ги внеле за патување во странство, па некаде по светот да останат без нив

Ги внесов последните пари во банкомат, за да може електронски да платам некои сметки и потоа да пазарам со картичка, но банкоматот ми ги зеде и ме остави без пари. Вака го почна своето банкарско искуство нашата читателка која неколку дена чека парите да и ги врати банката.

– Во петокот ја искористив можноста преку банкомат да уфрлам пари на мојата картичка, но трансакцијата не помина, а банкоматот ги зеде парите. Се јавив веднаш во банката и оттаму ме смирија дека тие ја гледаат трансакцијата, но дека парите се заглавени меѓу банкоматот и мојата сметка и ми рекоа дека ситуацијата ќе се реши. Откако во понеделникот видов дека нема ништо на сметка, реков ај да почекам до утре. Во вторникот отидов во банка каде што ми кажаа дека само банкоматите што се поврзани со банка може веднаш да се отворат, додека другите се отвораат еднаш неделно. Ми објаснија дека, процедурата налага превбројување на пари, па потоа да ми ги вратат. Но, моја вина не е што парите заглавиле во банкомат, а ме оставија буквално без пари – вели нашата соговорничка.

Таа вели дека е загрижена оти вакво нешто можело да и се случи и ако заминала на пат во странство.

 – Ова што се случи ми влева несигурност. Можноста да не влегуваме по банки и да чекаме по шалтери е одлична, но замислете да отпатував во странство и да рачунав на тие пари. Ова е многу несериозно да се чека недела дена, па можеби и повече, за да се отвори банкомат. Зарем не може вонредно да се отвори. Ако веќе банката гледа дека парите се заглавени меѓу банкоматот и мојата сметка, зарем не може поинаку да постапи? – прашува нашата соговорничка.

Од НЛБ банка, во лиј банкомат се заглавиле парите, велат дека Банката има постапки за разрешување на овие ситуации, кои се прават на редовна основа или по добиена пријава од клиент.

– Практично, се прави анализа на неуспешните уплати и врз основа на детектирани разлики се постапува согласно интерните процедури кои можат да траат и до неколку дена, но воглавно се решаваат во најкус можен рок. Конкретно за клиентката, треба да се земе предвид дека уплатата е направена во петок по завршување на работното време. Поради тоа рекламацијата е анализирана на првиот работен ден, односно во понеделник, кога е доставено барање за празнење на банкоматот со цел утврдување на состојбата е решавање на поплаката – велат од НЛБ.

Оттаму објаснуваат дека постојат неколку можни причини за неуспешна реализација на уплата на готовина на банкомат.

-Една од причините може да биде лош квалитет на пари, што подразбира пари кои се нови, лизгави и необработени на машина и кои претходно не биле во оптек, или пак многу оштетени пари. Банкоматот не е во можност да обработи такви пари и затоа ги заглавува. Друга причина може да биде губење на конекција. Но, без разлика која и да е причината за неуспешната реализација во моментот кога се прави уплатата, тоа никако не значи дека клиентот “ги загубил“ своите пари – велат од НЛБ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот