Поголемите фирми растурале со добивки во време на криза

Пари плати хонорари к15 / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Корпоративниот сектор има годишен раст на нето-добивката од 32,1 проценти во 2021 година, а во 2022 растот изнесувал 19,8 проценти во однос на 2021 година. Сепак, во 2022 година вкупното учество на компаниите што биле во загуба е 26,8 проценти и тоа главо се должи на микрокомпаниите, покажува Извештајот на Народна банка

Македнија има мала и отворена економија, каде што трговската размена е дури 140 процети во однос на бруто домашниот производ, па се што се случува на глобално ниво може да не погоди многу повеќе отколку сами да се раководиме од домашното производство. Оттука во време на кризата се соочивме со инфлација која во даден момент беше и највисока во регионот и многу повисока од онаа во Европската унија. Но извештајот во кој Народната банка ја сумираше финансиската стабилност за 2022 година ја обзнани болната вистина дека фирмите, пред се големите, трупале значаен профит и во 2022 и во 2021 година и дека со изговори за енергетската криза практично ставале повисоки цени и направиле повисоки приходи. Во 2021 година има годишен раст на нето-добивката од 32,1 проценти, а во 2022 растот изнесувал 19,8 проценти во однос на 2021 година.

Какво е вкупното работење на корпоративниот сектор во 2023 година, Народната банка ќе сумира во извештајот што се очекува да се објави во текот на оваа година, но според сегашните берзански извештаи, големите компании одлично работеа и годината што измина. За микросубјектите, за жал, Народна банка констатира вкупна загуба и во 2021 и во 2022 година. Во 2022 година вкупното учество на компаниите што биле во загуба е 26,8 проценти.

„Сите дејности што го формираат домашниот корпоративен сектор се вратија на патеката на профитабилно работење, а најзабележливо зголемување на профитабилноста има кај угостителската дејност, и тоа над претпандемичното ниво, којашто воедно оствари и највисок раст на приходите од продажба. Веднаш по неа, и индустријата оствари значајни резултати во продажбите, поради што се најде меѓу трите најпрофитабилни дејности, и покрај предизвиците поврзани со енергетската криза. (…) Растот на нето-добивката на корпоративниот сектор на годишна основа е солиден, но побавен во однос на 2021 година, како последица на остварената загуба кај микросубјектите. Оваа загуба е двојно поголема во споредба со загубата на микросубјектите претходната година, што заедно со затегнатите финансиски услуги, може уште повеќе да го ограничи пристапот на овие субјекти до финансирање од банките и да ги зголеми ризиците коишто произлегуваат од нив“, заклучува Народната банка во Извештајот.

Народната банка констатира дека во 2022 година корпоративниот сектор бележи висок раст на вкупните приходи од 28,3 проценти и дека тој раст е речиси во целост резултат на растот на остварените приходи од продажба. Истовремено, зголемени се и расходите, првенствено под влијание на трошоците за суровини и набавки на стоки, а двојно поголем раст имаше и кај трошоците за вработени (во услови на двојно повисок раст на просечната бруто-плата и покрај намалувањето на бројот на вработени).

Податоците на Државниот завод за статистика, пак, покажуваат дека во 2022 година сме имале инфлација од 14,2 проценти во однос на 2021 година. Но, приходите од продажба по сектори се многу поголеми од инфлацијата. Еден дел од тој раст може да се припише на тоа што во февруари 2020 година пандемијата затропа и на наша врата, па почнаа такнаречените „локдауни“ кога многу денови сите бевме затворени по дома, а не работеа угостителските објекти, никој не одеше на фризер, затаија синџирите на снабдување…

Податоците од Народната банка покажуваат дека во 2022 година, проходите од дејноста „објекти за сместување и сервисна дејност со храна“ се зголемила за 45 проценти во однос на 2021 година, а во 2021 година се зголемиле за 40,8 проценти во однос на 2020 година. Индустријата во 2022 година оствари годишен пораст од 37,7 проценти, во 2021 за 23,7 проценти. На трето местио по раст на приходи е „информации и комуникации“ со годишен раст од 26,7 проценти во 2022 година и 12,7 во 2021 година.

Народната банка и покрај постојаните критики за продуктивноста, констатира дека таа е зголемена и во 2021-ва и тоа за 3 проценти во однос на 2020 година, како и за дури 13,6 проценти во 2022 година во однос на 2021 година. Така додадената вредност по вработен од почетокот на 2022 година е во постојан раст, а трошоците за труд по единица производ благо се намалуваат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот