Почитувани и прогонети

Митко Билјаноски. / Фото: Слободен печат

Протасевич е за Минск денес она што Бен Бела беше за Париз пред повеќе од половина век – револуционер што го загрозува трулиот поредок и доволно голема закана за која вреди да се ризикува грабнување патнички авион

Ахмед Бен Бела заедно со уште четворица лидери на алжирското движење за независност ФЛН во октомври 1956 година летал од Рабат во Тунис на конференција за иднината на Магреб. Кога патничкиот авион навлегол во воздушниот простор на тогашната француска колонија Алжир, му се „залепиле“ борбени авиони испратени од тајната служба во Париз и го принудиле пилотот да слета во Алжир – со единствена цел да бидат уапсени петте револуционери.

Овој ран пример на „државно пиратство“ предизвика голем гнев во Мароко и во Тунис, а Елисејската палата не извлече некоја полза. Алжир извојува независност, а Бен Бела стана првиот претседател.

Младиот и гласен белоруски блогер Роман Протасевич не ја посакува судбината на Бен Бела, кој едвај извлекол жива глава кога со бомба било разнесено таксито со кое требало да патува и кога атентатор испразнил во него цел шаржер во хотелска соба, но, за чудо не го убил. Алжирскиот револуционер поминал шест години во француски затвор, по три години на власт бил соборен со воен пуч, поминал уште осум месеци зад решетки и уште 14 години во домашен притвор. Почитуван и фален во светот, но прогонет од земјата на која ѝ беше прв претседател, а потоа и од нејзиниот колонизатор. Се вратил во Алжир дури во доцни години, не повеќе отколку да добие погреб со државни почести.

Протасевич е за Минск денес она што Бен Бела беше за Париз пред повеќе од половина век – револуционер што го загрозува трулиот поредок и доволно голема закана за која вреди да се ризикува грабнување патнички авион. Веднаш штом белоруски ловци се прилепиле до авионот на лет од Атина за Вилнус и го пренасочиле кон Минск, наводно поради некаква закана од Хамас, Протасевич се вкочанил од страв, свесен дека е соочен со смртна казна. Ако биде осуден поради „поттикнување масовни нереди заради соборување на власта“, не му гинат долги години затвор, што за оние запознаени со условите во белоруските ќелии е предуда рамна на смртна казна.

„Гревот“ на блогерот, кој има помалку години отколку што Александар Лукашенко е на власт, е тоа што професионално и енергично го уредува каналот „Некста“, еден од ретките што може да објавува вести што не се филтрирани од строгата државна цензура. ЕУ, САД, Британија, ОН и многу други повикаа тој да биде пуштен на слобода, а на Минск му се заканија со санкции и поради апсењето на блогерот и поради грубото киднапирање на патничкиот авион.

Со какви санкции се соочува Лукашенко, лидерот што ни Брисел ни Вашингтон не го признаваат за претседател? Лично со никакви. Авионите што ќе треба да го заобиколат воздушниот простор на Белорусија ќе потрошат повеќе гориво, а белоруските патници ќе мораат по заобиколен пат, преку Русија, да летаат до Европа. Дали Протасевич ќе биде пуштен од притвор? Малку е веројатно дека судот ќе се дрзне да го ослободи од обвиненијата, особено откако за неговото апсење беше спроведена можеби досега најспектакуларната и секако најризичната операција на белоруските служби за безбедност. Притисок врз Лукашенко може да изврши единствено неговиот руски колега Владимир Путин, но тој влече „сопствен багаж“ – судбината на опозицискиот лидер Алексеј Навални, кој политичкиот подем го почна како блогер исто како и Протасевич.

Бирократските и долги процедури на решавање во Вашингтон, а особено во Брисел, омекнуваат каква било закана за автократските лидери како Лукашенко. Практично нема механизам за притисок посилен од неиздавање визи или евентуално блокирање на сметки.

И францускиот претседател Емануел Макрон, можеби под товар од сличната дамка на Париз од 1956 година, признава дека мерките нема да бидат ефикасни.

– Не ми е јасно што повеќе може да се направи. Да почнеме воен конфликт? Да ги прекинеме во целост односите? Па, веќе го направивме тоа. Каде понатаму? – прашува Макрон, воедно потврдувајќи дека „политиката на прогресивни санкции не е ефикасна ни против Русија“.

Од ваквото признание уште повеќе им смрзнува крвта на низата белоруски, руски и секакви дисиденти. Литванија бара поголем буџет за заштита на белоруските дисиденти, кои ги опишува како „подвижни цели за КГБ“, а Полска, едноставно, им порача „да внимаваат“.

Единствениот спас за нив е значително поизразена и единствена волја од Европа за одбрана на демократските вредности, прво кај себе, а потоа и во решителен дијалог со Москва. А, за тоа е потребно време, што ги урива надежите на 26-годишниот блогер и многумина како него дека ќе ја избегнат мачната судбина на Бен Бела – да бидат почитувани и фалени низ светот, а прогонети во сопствената земја.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот