Фото: Profimedia

Почина првиот пејач на „Ајрон мејден“, хрватските лекари му го спасуваа животот

Англискиот пејач Пол Ендрјус, познат по сценското име Пол Ди’Ано и ангажманот во групата „Ајрон мејден“, почина на 66-годишна возраст. Како што пишуваат британските медиуми, тој починал во својот дом во Солсбери.

Тој беше дел од легендарната хеви метал група од 1978 до 1981 година и со нив сними два студиски албуми – „Iron Maiden“ (1980) и „Killers“ (1981).

Откако си замина од „Ајрон мејден“, тој беше фронтмен на повеќе групи, како што се „Килерс“ и „Батлзоун“, а исто така сними и солистички албуми.

Фото: no, Credit line: Simon Fowler / Avalon / Profimedia

Ди’Ано е роден во Источен Лондон на 17 мај 1958 година. Во последните неколку години, тој живееше во Хрватска, каде што се лекуваше и имаше настапи. Живееше во старечкиот дом „Медисал“ и се шегуваше дека е најмладиот старец таму. Секојдневно одеше на физикална терапија и лимфна дренажа.

Откако доби сепса во Аргентина во 2015 година, неговата здравствена состојба се влоши. Тој помина осум месеци во болница во Англија, каде двапати се зарази со инфекција предизвикана од еден вид стафилококна бактерија (MRSA). Според него, лекарите во Загреб подоцна пронашле докази дека, по грешка, му бил оставен хируршки инструмент во телото во тамошната болница – тие пронашле спојувач во ногата што бил ставен таму за време на операцијата, која била направена четири години претходно.

„И покрај сериозните здравствени проблеми во текот на последните години, поради кои беше во инвалидска количка, Пол продолжи да ги забавува своите обожаватели ширум светот. Неговиот прв ретроспективен албум ‘The Book of the Beast’ беше издаден во септември 2024 година и ја содржи неговата најдобра работа откако го напушти бендот“, се вели во изјавата на издавачката куќа „Конкуест мјузик“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот