Петровска најави дека ќе купиме систем за противвоздушна одбрана од Франција

Министерката Петровска на Комисијата за одбрана и безбедност/Фото: МО

На денешната седница на Комисијата за одбрана и безбедност на Собранието на Република Северна Македонија, министерката за одбрана, Славјанка Петровска ги запозна членовите на Комисијата со Информацијата и потребата на Армијата за набавката на современ систем за противвоздушна одбрана.

Станува збор за унапредување на системот за борбена готовност на Армијата во насока на остварување на основната задача за одбрана на независноста и територијалниот интегритет и суверенитет на државата, за чија цел Министерството за одбрана пристапува кон набавка на современ систем за противвоздушна одбрана, а за кој ќе склучи договор со Министерството за одбрана на Република Франција.

Како НАТО членка, безбедноста на нашето небо ја гарантираат сојузничките воздухопловни сили, а набавката на системот за противвоздушна одбрана е комплементарна во целокупниот одбранбен систем на државата.

Во изминатите две децении не е извршена набавка на систем за противвоздушна одбрана кој е потребен пред сè за поддршка и заштита на припадниците на Армијата, заштита на институциите, и зголемување на безбедноста и сигурноста на граѓаните на Република Северна Македонија.

Станува збор за повеќегодишна набавка на систем за противвоздушна одбрана на мали височини, кој треба да ја унапреди борбената готовност на Армијата, а кој е предвиден согласно Планот за опремување и модернизација на Армијата.

Поради горенаведеното, а во согласност со Законот за јавните набавки во одбраната и безбедноста, Министерството за одбрана на Република Северна Македонија наскоро ќе склучи договор со Министерството за одбрана на Република Франција, за кој јавноста ќе биде подетално информирана и за типот на воена опрема и за динамиката на испорака.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот