Пендаровски: Чинот на влезот во НАТО е еднаков на чинот на прогласување на независноста на Македонија од 1991 година

Стево Пендаровски во Аеродром / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Овој простор ми е познат, овде бев пред 10 и пред 5 години. Со мене бевте и во тешки и во добри времиња, а сега сме во добри времиња, затоа што одиме во нова победа, не за нас лично, туку за Македонија и подобра иднина за сите нас, рече вечерва Претседателот на Република Северна Макеодонија, Стево Пендаровски на граѓанската трибина во скопската општина Аеродром.

Тој се осврна на две клучни работи кои се случија изминатите години – НАТО членството и отворањето на преговори за членство во ЕУ.

– Најголемата работа ја направивме пред 4 години кога станавме членка на НАТО. Ниту една политичка гарнитура немаше храброст да направи компромис и да ја внесе државата во најмоќниот политички сојуз на светот, кој гарантира дека вашиот територијален интегритет и суверенитет никој не смее да го чепка. Затоа што таму се освен нас 31 држава, најмоќните армии, најголемите економии и најголемите демократии. Таму постои член во базичниот договор на алијансата – нападот на еден се смета како напад на сите. Можете ли да замислите малата Македонија со со 1,8 милиони луѓе на иста маса и исти обврски и одговорности како Америка, Канада, Франција, Британија итн. да имаат заеднички механизми со кои се соочуваат со кризите – истакна Пендаровски.

Тој посочи дека чинот на влезот во НАТО е еднаков на чинот на прогласување на независноста на македонија од 1991 година.

– Втората работа која ја направивме по 17 години чекање во чекалната на ЕУ, затоа што и таму направивме компромис, кој не ги загрози македонските национални интереси, тоа е отворање на безмалку две децении на членството во ЕУ – рече Пендаровски.

Тој се осврна на моментот кога државата била на прагот да се заврши тој процес, но поради препреката од двајца противници, процесот е во стагнација. Притоа ги посочи нашиот источен сосед и најголемата опозициска партија во државата.

Пендаровски зборуваше и за најавата за амнестија за 27 април.

– Никогаш не се извинија за 27 април, наместо тоа најавуваат амнестија за оние кои влегуваа да убиваат пратеници. И не само тоа, ги нарекуваат уставобранители. И најверојатно ние другите што бевме внатре во Собранието, бевме насилниците. Веројатно самите сме си го организирале тоа. Да се немало ни срам ни перде, да ги прогласуваш насилниците кои сакаа да спречат промена на власта и власта да биде во рацете на оние кои ја добија довербата на граѓаните, значи дека не почитуваш базични демократски права. Тие луѓе не се извинија ни за 2012 година, кога ги исфрлија како партал и новинарите и медиумите кога се усвојуваше буџетот од кој најголем дел беше наменет за Скопје 2014. Избегаа во странство и никој не им може ништо во меѓувреме – рече Пендаровски.

Тој се праша дали можеле некаде да бидат подобри и одговори: Апсолутно.

– Дали имавме грешки? Апсолутно! Јас прв. – рече Пендаровски.

Тој посочи дека најголемата грешка била тоа што се застанало на пола пат на клучната парола на единствената граѓанска револуција која што сме ја имале во државата Шарената револуција и слоганот „Нема правда,нема мир“.

– Се разликуваме од режимот. Актуелни функционери се соочија со лицето на правдата. Меѓутоа не отидовме до крај во тоа. Зошто? По мое длабоко убедување, некои судии и обвинители беа под директно влијание на центрите на политичка моќ и немаа намера да ги процесираат очигледните криминали и пљачки на народот – рече Пендаровски.

Тој повика на јавно ветување ако ја добие довербата на граѓаните прва задача да биде длабок ветинг на сите судии но и на политичарите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот