Паркирањето проблем и во Кисела Вода: На место на дива депонија се гради паркинг за 60 возила

Фото: Општина Кисела Вода

За околу две недели жителите во населбата Расадник во општина Кисела Вода ќе имаат нов паркинг со што треба да се ублажи проблемот со недоволно паркинг – места во овој дел од градот. Паркиралиштето се гради на местото на дивата депонија во близина на бензиската пумпа кај „Мечкаров”, на површина од околу 400 квадратни метри, на која ќе можат да се паркираат околу 60 возила.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски вели дека е свесен за недостигот од простор за паркирање во општината и за потребата од изнаоѓање нови локации каде граѓаните ќе можат да ги оставаат своите возила, без да си пречат едни на други. Поради тоа, покрај чистењето на дивите депонии и нивното претворање во зелени паркови, еден дел од нив, како што вели, ќе бидат уредени како паркинзи.

Пред скоро време изградивме паркинг простор за 60-тина возила и на улицата Бранко Заревски во населбата Драчево. И тука не застануваме, продолжуваме да ја менуваме нашата општина кон подобро. Чекор по чекор, Кисела Вода ќе биде модерна општина – тврди Ѓорѓиевски.

Деновиве тој имаше средба и со директорот на ЈП “Градски паркинг“, Бојан Христовски, затоа што изградбата на паркиралиштето, која е во тек, е всушност нивен заеднички проект. Тие ги разгледувале сите можности околу изнаоѓање нови локации за изградба на паркиралишта во општината.

Организацијата на сообраќајот во мирување има голема улога во квалитетот на одвивањето на сообраќајот во градот, посебно во урбани средини како што е Кисела Вода – рече Христовски.

Тој верува дека ќе се најдат квалитетни и трајни решенија за проблемот со паркирање во оваа општина.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот