Папата, морковот и стапот

Митко Билјаноски. / Фото: Слободен печат

По епизодата со лажичето, црквата се повлече, како да ги почитува мерките препорачани од Светската здравствена организација – носи маска, постојано мие раце и се држи на растојание – од верниците

Во овие луди пандемиски години, кога кулминира повеќегодишниот процес на масовно плукање по знаењето и цивилизациските вредности, учените се соочија со два големи предизвици. Првиот го совладаа со историски подвиг – развија вакцина за ковид-19 за помалку од една година од појавата на вирусот. Потфрлија кај вториот, кој се чинеше многу полесен – како да ги убедат луѓето дека вакцинирањето и стекнувањето колективен имунитет е единственото решение за пандемијата.

И наместо од владите и политичарите, науката неочекувано доби поддршка од својот вековен непријател – црквата. Во времето кога светските лидери во зависност од личните интереси говореа дека ковид-19 е фабрикувана закана, заговор на длабоката држава или инструмент за подјармување, кога пропагираа неносење маска или, чувај Боже, препорачуваа шприцање варикина во вените за да го отепа вирусот, папата Франциско беше и остана еден од ретките гласови на разумот. Тој говореше од големата полза на едноставните мерки, упорно и упорно апелира за помасовно вакцинирање, побара пренасочување средства кон здравствениот сектор, ги пофали најавите за откажување од патентите за вакцини…

Лесно му е, ќе речат некои, зашто мандатот му е доживотен. Не мора да флертува со популистички теми за да освои гласови на избори.

Само попусто. Се покажа дека неговиот апсолутен авторитет меѓу верниците е далеку од оној на популистите.  Да беше папата авторитет како некогаш, немаше во земјата со најмногу католици во светот да биде потиснат од шарлатанот Болсонаро, немаше во најтврдокорната католичка земја во Европа да ја загуби битката со популистот Качински. Па сведоци сме како Бразил поминува низ пандемиски пекол, а во Полска напаѓаат центри за вакцинација.

Поодговорните лидери лани се мачеа како со стратегијата на „танцување и чекан“ да ја контролираат пандемијата и бројот на жртви во границите на капацитетот на здравствените системи, додека не биде развиена вакцина. Но, пропуштија да го искористат тоа време за да го вратат разумот кај граѓаните дека нема подобро оружје од вакцината во битката со коронавирусот. Затоа се префрлија на стратегијата „морков и стап“. Србија пред некој месец им даваше по 25 евра на оние што ќе се вакцинираат. Во Романија нуделе ќофтиња. Бајден, велат сега, нуди по 100 долари. Кој што има. Заигра и стапот – за невакцинираните нема визи, нема пристап до концерти, стадиони, ресторани и пабови. Франција отиде чекор понапред, со реална закана за суспендирање на невакцинираните работници.

И во овие очајнички обиди, на помош се повикува црквата. Прво Грција, каде што владиците се согласија на литургии да ја проповедаат ползата од вакцинирањето. Можеби е резултат на сплет на околности, но по вклучувањето на ГПЦ во кампањата, стапката на вакцинирање во Грција се зголеми и надмина 50 отсто. Поаѓајќи од таквиот пример, помош од црквата побара и Романија.

Кај нас единствената допирна точка на црквата со пандемијата беше кога се дебатираше дали причестувањето со една лажичка придонесува за побрзо ширење на заразата или благословот е ефикасен како вакцина за заштита од вирусот. По оваа епизода црквата се повлече, како да ги почитува мерките препорачани од Светската здравствена организација – носи маска, постојано мие раце и се држи  на растојание – од верниците. Можеби нема многу да придонесе ако по примерот на Грција и на Романија се вклучи поактивно во кампањата за вакцинирање, но барем има шанса да си го обели образот.

Со или без таква поддршка, со највисока стапка на вакцинација во регионот, но далеку од потребната за колективен имунитет, а соочени со очекуваниот нов бран и незапирливиот продор на сојот делта, на земните власти им преостанува да се фатат за морковот и за стапот. Но, месец или два пред избори, секако ќе има повеќе морков отколку стап. А, ако се измрда балансот, Господ нека ни е на помош.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот