Овчарите го прескокнаа католичкиот Божиќ, ќе го чекаат Велигден да извезуваат

Јагне: Denis Abramov / Sputnik / Profimedia

Онаму каде што деновиве може да се купи, килограм јагнешко чини од 489 до 500 денари, а повторно по истата цена ќе ви ги наплатат и внатрешниците

Годинава речиси и да нема извоз на македонско јагнешко месо за католичкиот Божиќ. А пред новогодишните празници, се појавија само главчиња и внатрешници, за кои се гледа дека се замрзнати од претходните месеци.

Скендер Аме, претседател на Здружението на сточари „Дешат“ од Дебар, за „Слободен печат“, вели дека ќе го прескокнат и овој празник и ќе ги чуваат стадата за католичкиот Велигден. Тој вели дека е добра откупната цена од 300 денари за килограм, но нема доволно јагниња за кланиците. Неофицијалните податоци говорат дека годинава има дури 150 илјади овци помалку, а на домашниот пазар за новогодишните празници ќе се понудат околу 2.000 јагниња.

Онаму каде што деновиве може да се купи, килограм јагнешко чини од 489 до 500 денари, а повторно по истата цена ќе ви ги наплатат и внатрешници. Лани килограм јагнешко чинеше од 350 до 380 денари за килограм.

– Откупната цена сега е 300 денари за килограм, но нема доволно јагниња. Колегите ги чуваат за католичкиот Велигден. Има повеќе сметка да произведувам овчо сирење, со врвен квалитет и постигнува одлична цена. Има побарувачка за нашето јагне и од Хрватска, Италија и Грција, ама немаме што да понудиме. Едвај ако севкупно се појават околу 8.000 јагниња, за разлика од претходните години кои се извезуваа неколкупати поголеми количества – вели Аме.

Овчарството во Македонија во голема мера се заснова на мали индивидуални и семејни фарми со големина на стадо од 20 до 200 овци, а поретко со над 300 со комбинирана производна насока (млеко, месо и волна). Извозот на јагнешко месо во вкупниот извоз на земјоделски призводи е со учество од само 5,5 отсто, покажуваат податоците на Министерството за земјоделство.

Расната структура на популацијата на овци во земјава се состои од облагородена „праменка“, застапена со „овчеполски сој“ и „шарпланински сој“. Во последно време се зголемува бројноста на мелезите од расите „виртемберг“ (за производство на месо) и „аваси“ (за производство на млеко).
Вкупното производство на овчо млеко во 2022 година изнесува 38.675 илјади литри и претставува зголемување од околу 11 отсто во однос на претходната година (34.811 илјади литри). Најголем дел од овчото млеко се преработува во бело овчо сирење кое се продава на домашниот пазар. Други домашни млечни производи се овчи кашкавал, кисело млеко и сурутка. Млечните овчи производи имаат добар извозен потенцијал поради ниските производствени трошоци и високиот квалитет.

Во 2021 година, 2.837 одгледувачи на овци добија финансиска поддршка од 103 милиони денари за задржано женско јагне. Висината на поддршката беше 1.000 денари за женско јагне на возраст од 6 до 18 месеци. Пред две години, како помош на одгледувачите на овци за покривање на загубите на поради намалениот извоз на јагниња, вкупната финансиска поддршка за женско јагне беше зголемена на 2.500 денари по грло.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот