Отворен Балкан или Берлински процес?

Мухамед Халили, претседател на Совет на амбасадори
Мухамед Халили, претседател на Совет на амбасадори / Утрински брифинг

Креаторите на овој проект на крај треба да се помират со тоа дека Отворен Балкан е пропаднат проект, кој не само што не функционира туку и не постои или постои само фиктивно.

Познато дека Берлинскиот процес беше инициран во 2014 година од поранешната германска канцеларка Ангела Меркел и замислен во формат на годишни состаноци помеѓу Унијата и Западен Балкан со цел зајакнување на соработката помеѓу нив, што требаше да резултира со динамизирање на ЕУ реформите. Пораката од последниот самит што беше испратена од Берлин е дека регионот, особено по руската агресија врз Украина, припаѓа во Унијата, но и дека регионот мора да ги надмине меѓусебните конфликти. На самитот се потпишаа три договори за мобилност кои, меѓу другото, предвидуваат движење на граѓаните со лични карти помеѓу земјите во регионот.

Создавањето на Берлинскиот процес во балканската јавност беше толкувано како намера на ЕУ да ја позабави динамиката на интеграцијата на Западен Балкан  во Европската Унија или воопшто да нема полноправно членство на тие земји во Унијата. Така беа толкувани и предлозите на францукиот претедател Макрон за проширување на ЕУ откако ќе се реформира и создавањето ново европко тело за политичка соработка т.е европската политичка унија.

На Балканот одамна (уште по Втората светска војна) постоеја планови на создавање геостратешки економскии региони. Тито во свое време замислуваше создавање голема Југославија во чиј состав би биле Бугарија и Албанија, но тоа не бидна поради спротивставувањето на Сталин. По распаѓањето на СФРЈ, на инсистирање на Милошевиќ, Србија и Црна Гора ја создадоа СРЈ за да после и таа да се распадне. Планот беше дел од таа  СРЈ биде и Македонија, но ние тоа категорично го одбивме.

После тоа сонувавме да бидеме дел од тоа што е во нордиските земји: Нордиски совет. Нешто слично како меѓу Белгија, Холандија и Луксембург – Бенелукс. На тоа ни „завидоа“ скандинавските и балтичките земји и во 2021 година формираа Балтоскандија.

После креирањето на Беринскиот процес тројца лидери на три балкански земји ( Рама, Вучик и Заев) во Нови Сад во 2019 година го креираа Балканскиот мини-шенген кој потоа се претвори во Отворен Балкан. Целта беше интензивирање на економската и на меѓуцаринската соработка на земјите на Западен Балкан со цел да спласнат политичките тензии.

Албанкиот премиер Рама се фалеше дека тој како висок лидер (над два метра висок) го создал мини-шенгенот за да се развие економијата и е вистинска штета, велеше тој, што Косоварите „не разбираат“ што е политика и не се приклучија кон Отворен Балкан. Инаку, според Рама, ќе спласнеа тензиите помеѓу Србија и Косово.

Сега во тој дел на Балканот, како резултат на „успешноста“ на Отворен Балкан, војската на Вучиќ е во највисоката воена готовност и Борел го моли да ја спушти на понизок степен и, согласно на тоа, го моли Курти да организира вонредни локални избори. И двајцата одбиваат. Каква улога игра Отворен Балкан во оваа серија на кризи и недоразбирања?

Креаторите на овој проект на крај треба да се помират со тоа дека Отворен Балкан е пропаднат проект, кој не само што не функционира туку и не постои или постои само фиктивно. Да постоеше реално не ќе имаше потреба српската полиција да киднапира и да притвора косовски полицајци на терен на туѓа држава, немаше да има потреба за нивно ослободување да се ангажираат Борел, Лајчак и Ескобар. Српската премиерка Брнабиќ изјави дека Отворен Балкан е оригинален српски предлог и дека досега најголема економска придобивка имала Србија.

Да беше успешен проектот меѓународната заедница немаше да го прогласи Балканот за многу опасен регион во кој речиси секој ден има ризик од  дестабилизација на Европа. На самитот од овие денови ЕУ бара од Вучиќ и Курти деескалација на состојбите на Северот на Косово. Од друга страна, Вучиќ често пати сонува и зборува за српски свет.

За Зоран Заев немаше друг избор: и Берлински процес и Отворен Балкан. Велеше дека ќе штедиме многу време при преминување на границите. Така, минато лето на граничниот премин Табановце наместо седум часа нашите гастарбајтери чекаа 10 часа за премин на границата. Што се однесува до економската соработка со околните држави, македонските земјоделци се жалат и за пласманот на нивните производи и за цената на производите во Oтворен Балкан. Политичарите се фалат за политичката соработка  како најдобра во релионот додека стопанските комори не се задоволни.

Како понатаму, како побрзо до ЕУ, како да се најдат нови форми на интеграција?

Македонија речиси цела година е обременета со задачата од Европската комисија да ги исполни условите од „францускиот предлог“ кој стана предлог на Унијата за уставни измени наметнати од Бугарија, како услов за вистинското почнување на преговорите за полноправно членство на земјата во Унијата. Власта и опозицијата овие денови почнаа да го усовршуваат германскиот јазик од колекцијата „германски во сто лекции“.  Дилемата е дали е исто „зад тоа стојам јас“ и „јас гарантирам“. Портпаролот на Шолц сигурно ќе може да даде одговор на оваа дилема после неколку години кога ќе се искристализираат германските дилеми –  проширување на ЕУ веднаш или наоѓање нов начин за интеграција на Западен Балкан во ЕУ, дебата што се отвора во германската СДУ, како што пишува новинарот Мартенс во „Алгемајне цајтунг“.

После обвинувањата од СДСМ кон ВМРО-ДПМНЕ дека германските сестрински партии од „колекцијата“ народни партии во Европскиот парламент не ја поддржале резолуцијата на Бундестагот за македонскиот јазик, оваа „гаранција“ на Шолц што му ја дал на премиерот Ковачевски се покажуваше во јавноста како триумф на определбата за успех на уставните измени како услов без кој се не може понатаму кон ЕУ.

Дали ово што го пишува Мартенс е слично на дискусијата на Макрон во форумот за безбедност во Братислава на 31 мај дека „сегашното статус кво не е опција, но и брзото проширување со нови членки, а без претходни реформи на институиите на ЕУ, исто така не е опција“. Макрон во таа пригода истакна дека за да се одговори на аспирациите за полноправно членство на земјите на Источна Европа и на Балканот треба „да се најдат многу форми“. Дали изразот „да се најдат многу форми“ на интеграција е идентичен на тоа што Макрон го рекол пред четири години: „Целта со Балканот не е еден процес на проширување. Тоа се инвестиции на економски план, образование на јазиците на овие земји, една една стратешка агенда која треба да ја имаме со нашите партнери, но не  бездруго и со идни членки“.

Сметам дека токму тука е нашата дилема: стоички да издржиме во нашиот пат на интеграција во ЕУ, без резултати во реформите на судскиот систем и со пропаднато судство до дно, со корумпирани обвинители и судии за кои и странските амбасадори јавно почнаа да бараат оставки, како и со секојдневен раст на економскиот криминал, корупцијата и непотизмот каде министрите, пратениците, лидерите на партии…со еден збор високите политички функционери имаат право да си ги вработат жените, балдските, синовите и ќерките, некои и како обвинители, без или со малку школо, а обичните граѓани, „рајата“, да молат за едно обично вработување за нивните деца кои во неможност да најдат работа побегнале од својата земја во туѓина итн., итн., или истовремено со тоа да почнеме да размислуваме да бидеме партнери со ЕУ во економски, образовни , културнии и во други инвестиции, како што пред четири години ни препорачал Макрон, а не идни членки на Унијата.

Тука нашите надежи исчезнаа. Таканаречената „Шарена револуција“, симбол на рушењето на власта со пенкало и со фрлање молотови коктели по институциите на власта – пропадна. Едната фамилија рушевме и дојде друга фамилија. Веќе нема да има ниту шарени, ниту црвени револуции, ми вели еден пријател. Младите, деца на високи функционери, уживаат во благодетите на државата, децата на рајата побегнале од нивната родна татковина со продолжено европско географско име и некои од нив ноќите ги поминуваат на автобуските и на железничките станици на стара Европа барајќи да обезбедат парче леб за нивните семејства. Поголемиот број се снашле, веќе работат и нема да се враќаат дома. Во Македонија се  раѓа нова генерација талентирани бизнисмени „без ниеден денар“!

Во таа насока беше и размислувањето на поранешниот претседател Бранко Црвенковски на трибината на Советот на амбасадори од пред некој ден, размислување кое експресно и без подлабоки анализи од власта беше окарактеризирано како „старомодно“, спротивно на „храброста“ на власта за секојдневни измени во Уставот со тешки компромиси. Но, во компромисот никој не победува, сите помалку губат, а најмногу немоќните.

(Авторот е дипломат)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот