Отстранетата статуа во Хонг Конг разбуди бурни спомени кај Кинезите: Што се случи на протестите на Тјенанмен во 1989 година?

Статуата на Универзитетот во Хонг Конг/ Фото EPA/JEROME FAVRE

Познатата статуа на Универзитетот во Хонг Конг, која беше поставена во спомен на масакрот на плоштадот Тјенанмен, беше отстранета ноќта меѓу средата и четвртокот.

Во 1989 година, плоштадот Тјенанмен во Пекинг стана фокус на големите протести, кои беа задушени од кинеските комунистички владетели.

Настаните ја создадоа една од најзначајните фотографии на 20 век – осамен демонстрант кој стои пред редот воени тенкови. Настаните се уште се многу чувствителна тема во Кина, а еден од ретките преостанати јавни споменици во Хонг Конг сега е отстранет, пишува Би-Би-Си.

Што доведе до настанот?

Во 1980-тите, Кина претрпела огромни промени. Владејачката Комунистичка партија започнала да дозволува некои приватни компании и странски инвестиции. Лидерот Денг Сијаопинг се надевал дека ќе ја зајакне економијата и ќе го подигне животниот стандард.

Сепак, овој потег донел со себе корупција, а во исто време ги подигнал надежите за поголема политичка отвореност.

Комунистичката партија била поделена меѓу оние кои се залагале за побрзи промени и тврдокорните кои сакале да одржат строга државна контрола.

Протестите предводени од студентите започнале во средината на 1980-тите. Меѓу учесниците имало луѓе кои живееле во странство и биле изложени на нови идеи и повисоки животни стандарди.

Фото FOCUS MAGAZINE / SIPA PRESS / PROFIMEDIA

Како се зголемија протестите?

Во пролетта 1989 година, протестите се зголемиле, со барања за поголема политичка слобода. Демонстрантите биле поттикнати од смртта на водечкиот политичар Ху Јаобанг, кој ги надгледувал некои од економските и политичките промени.

Фото: AFP/ PROFIMEDIA

Десетици илјади се собрале на денот на погребот на Ху, во април, повикувајќи на поголема слобода на говорот и помала цензура.

Во следните недели, демонстрантите се собрале на плоштадот Тјенанмен, а се проценува дека на тој протест имало еден милион луѓе. Плоштадот е една од најпознатите знаменитости на Пекинг.

Каков беше одговорот на владата?

Првично, владата не презела директни мерки против демонстрантите. Партиските функционери не се согласиле како да одговорат, едни поддржале отстапки, други сакале построг став. Тврдокорните ја добиле дебатата, а во Пекинг била прогласена вонредна состојба. Од 3-ти до 4-ти јуни, војниците почнале да се движат кон плоштадот Тјенанмен, отворајќи оган, разбивајќи и апсејќи демонстранти за да ја вратат контролата врз зоната.

Кој беше човекот што стоеше пред тенковите?

На 5 јуни, еден човек застанал пред тенковите кои се оддалечувале од плоштадот. На него носел две торби за пазарење и бил снимен како пешачи за да ги спречи тенковите да поминат.

Фото: ANTHONY WALLACE / AFP / PROFIMEDIA

Двајца мажи веднаш го одвеле. До ден денес не се знае што му се случило на тој човек, но тој станал главна слика на протестот.

Колку луѓе загинаа во протестите?

Никој со сигурност не знае колку луѓе се убиени. Кон крајот на јуни 1989 година, кинеската влада објавила дека биле убиени 200 цивили и неколку десетици безбедносни лица.

Други проценувале дека имало стотици до многу илјади мртви. Во 2017 година, неодамна објавените документи од Обединетото Кралство открија дека тогашниот британски амбасадор во Кина, Сер Алан Доналд, смета дека загинале околу 10.000 луѓе.

Дали луѓето во Кина знаат што се случи?

Дискусијата за настаните што се случиле на плоштадот Тјенанмен е многу чувствителна во Кина.

Објавите поврзани со масакрот редовно се отстрануваат од интернетот, под строга владина контрола.

Младите во Кина кои не биле живи тогаш, ретко знаат за овие случувања.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот