Илустрација / Фото: Freepik / kjpargeter

Откриена огромна непозната планета: Се „храни“ со брзина каква што не е видена досега

Исто како што Земјата кружи околу Сонцето, повеќето планети откриени надвор од нашиот Сончев Систем кружат околу една ѕвезда-домаќин, додека некои, таканаречени одметнати планети, се сосема сами. Малку се знае за нивното потекло, но астрономите сега забележале една ненаситна планета во подем која нуди нов увид во овие осамени светови, пренесува „Ројтерс“.

Научниците изјавија дека оваа одметната планета, наречена „Ча 1107-7626“/ „Cha 1107-7626“, е околу пет до десет пати помасивна од Јупитер, најголемата планета во нашиот Сончев Систем.

Таа е забележана во центарот на дискот од гас и прашина, формирајќи се слично на млада ѕвезда, додека „голтала“ околен материјал со брзина каква што никогаш претходно не е забележана кај таков објект.

„Голта“ шест милијарди тони во секунда

Младиот свет без ѕвезда-домаќин забележал најголема стапка на раст (акреција) досега измерена кај објект со планетарна маса. Астрономите во август, на врвот на растот, измериле стапка на акреција (зголемување на масата на вселенското тело поради гравитациско привлекување на околната материја) од шест милијарди тони во секунда, што е настан досега виден само кај млади ѕвезди и кафеави џуџиња.

– Ова е најсилната епизода на акреција некогаш забележана за објект со планетарна маса, слична на најинтензивната фаза на раст што ја гледаме кај младите ѕвезди – изјавил Виктор Алмендрос-Абад од Астрономската опсерваторија во Палермо, Националниот институт за астрофизика во Италија.

Ваквите светови се нарекуваат одметнати егзопланети или слободно пловечки објекти со планетарна маса (FFPMO).

Млада планета: Стара е само еден до два милиони години

За разлика од повеќе од 6.000 познати планети кои кружат околу ѕвезди, овие планети немаат матична ѕвезда. Сè уште се расправа дали настанале како ѕвезди, со колапс на облак од гас, или биле исфрлени од нивните соларни системи.

– Овој објект е стар отприлика еден до два милиони години. Многу е млад за астрономски стандарди – рекол Алмендрос-Абад, главен автор на студијата објавена овој месец во списанието „Астрофизика“.

За споредба, планетите во нашиот Сончев Систем се стари околу 4,5 милијарди години.

Одметнатата планета е во завршна фаза на формирање и не се очекува многу повеќе да добие на маса. Научниците сметаат дека таа има силни магнетни полиња кои го насочуваат материјалот од вителскиот диск навнатре, феномен кој досега е забележан само кај ѕвездите.

„Cha 1107-7626“ се наоѓа во нашата галаксија Млечен Пат, околу 620 светлосни години од Земјата, во соѕвездието Хамелеон.

Се формирала како ѕвезда

„Cha 1107-7626“ првпат е откриена во 2008 година. Во април, мај и јуни 2025 година, тимот на Алмендрос-Абад ја следел планетата користејќи го инструментот XSHOOTER на Многу големиот телескоп (VLT) во Чиле. Кон крајот на јуни дошло до ненадеен блесок, сличен на типичното однесување на младите ѕвезди во забрзана акреција.

Спектралните анализи открија траги од водород карактеристични за магнетно насочена акреција, што е првпат забележано на објект со планетарна маса. Набљудувањата откриле дека објектот се опкружува со диск богат со силикати и јаглеводороди, со навестување на водена пареа и хемиски промени за време на блесокот.

Сè повеќе докази укажуваат дека „Cha 1107-7626“ се формирала како ѕвезда, со колапс на материјалот во облакот Хамелеон, наместо да е планета исфрлена од својот систем.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот