Османи на Линде и го врачи постхумното признание за Ана Линд, по повод 30 години независност

Шефот на дипломатијата Бујар Османи, посетата на неговата шведска колешка Ан Линде на Скопје, ја искористи да и го врачи постхумното признание по повод 30 години независност, за Ана Линд, поранешна министерка за надворешни работи на Шведска и претседавач со Советот на ЕУ во 2001.

Ние особено го вреднуваме придонесот на Ана Линд, низ призмата на развојот и активното вклучување на Северна Македонија како модерна и просперитетна членка на меѓународната заедница. Ана Линд, во својство на министер за надворешни работи на Шведска и претседател на Советот на министри на ЕУ, одговорна за застапување на официјалната надворешно-политичка позиција на ЕУ, придонесе неизмерно за финализирање на преговорите и за потпишување на Договорот за стабилизација и асоцијација помеѓу Северна Македонија и ЕУ во Луксембург на 9 април 2001, изјави Османи.

Тој при врачувањето на признанието истакна дека Северна Македонија беше првата земја од Западен Балкан која тогаш успешно ги заврши преговорите и потпиша ваков договор со ЕУ, а министерката Линд, додаде Османи, која ја претставуваше ЕУ, исто така, имаше конструктивна и важна улога и за време на конфликтот во 2001 година, повикувајќи на меѓуетнички дијалог и зајакнување на врските со ЕУ врз основа на новиот Договор за стабилизација и асоцијација.

Во рамките на проектот на МНР, по повод 30 години независност на Република Северна Македонија, Османи ќе врачи признанија на 30 странски државјани, високи функционери од ЕУ и НАТО, државници, дипломати и познавачи на нашата држава и регионот.

Со овој чин, како што соопшти МНР, се придава симболично признание за оставениот белег во консолидација на нашата самостојност, поддршката и помошта во заокружување на евроатлантската перспектива, како и зацврстувањето на мултиетничката, мултикултурна и мултиконфесионална кохезија на нашата држава и општество.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот