Османи ги охрабри Македонците во Албанија: На пописот слободно изразете ја вашата етничка припадност

Министерот за надворешни работи Бујар Османи преку видео обраќање до Македонците кои живеат во Албанија им порача дека на пописот можат слободно да ја изразат нивната етничка, јазична, и религиска припадност.

Ви се обраќам затоа што сакам да бидете уверени дека овој попис овозможува слободно да ја изразите вашата етничка, и јазична, и религиска припадност. Со оваа демократска придобивка, Албанија е препознатлива во светот по своето мултиетничко и мултикултурно општество, нешто што исто како и кај нас, претставува непроценливо автентично културно наследство – вели Османи во обраќањето.

Тој истакна дека како лојални граѓани на Албанија, ги охрабрува слободно да ја потврдат нивната етничка, јазична, религиска и идентитетска припадност, која претставува основно природно право на секој поединец, и со генерации наназад опстојува на овие простори.

Деновиве сме свесни на различни пропаганди коишто апелираат на вашата одлука, не водејќи сметка за вашите чувства. Не треба ништо од тоа да ве загрижува. Албанија е слободна земја каде секој може слободно да го изрази и негува својот идентитет, без да се грижи за било какви последици од тоа. Со тоа вие и дополнително ќе ја потврдите вашата незаменлива улога, во градењето мостови на пријателство меѓу двете држави – им порача Османи на Македонците кои живеат во Албанија.

Оваа порака од Османи доаѓа по заканата од претседателот на бугарската фондација „Македонија“ Виктор Стојанов кој на жителите на Пустец, во Алабанија, каде живее македонското малцинство, им порача дека доколку на претстојниот попис не се пишат како етнички Бугари ќе им бидат одземени бугарските државјанства.

-До сите жители на општина Пустец, Албанија: Ако не се запишете како етнички Бугари на пописот, вашите бугарски државјанства ќе бидат одземени во најкраток рок, а ако сте во процедура, постапките ќе ви бидат прекинати. Веќе имаме еден таков случај. Размислете, објави на Фејсбук Виктор Стојанов.

Во бугарското Собрание во процес се и законски измени со кои, како што објави бугарскиот европарламентарец Андреј Ковачев ќе бидат јавно објавени сите што земале бугарско државјанство во изминатите 22 години.

Бугарските парламентарци, претходно неделава без дебата ги разгледаа и поминаа на прво читање предлог измените на Законот за бугарско државјанство, поднесен од лидерот на „Преродба“ Костадин Костадинов и група пратеници од 10 мај 2023 година, како и тие на Николај Алгафари (ГЕРД-СДС) и група народни пратеници и Радомир Чолаков (ГЕРБ-СДС) и група народни претставници.

Гласањето на измените го поздрави и бугарскиот европарламентарец Андреј Ковачев, порачувајќи дека неговата „лична битка повеќе од десет години е на пат, конечно да стане реалност“.

1. Церемонијата за добивање бугарско државјанство ќе биде свечена и јавна.

2. Регистарот на сите приматели на бугарско државјанство станува јавен. Со последната измена јавно ќе бидат познати сите наши сонародници од Република Северна Македонија кои се стекнале со бугарско државјанство во последните 22 години врз основа на докажано бугарско потекло и декларација за бугарска самосвест. Така, овие над 120.000 македонски Бугари, меѓу кои и многу поранешни и сегашни политичари, пратеници, министри, градоначалници, раководители на сектори, раководители на партии, сопственици на медиуми и телевизии, новинари, коментатори, како и нивните семејства ќе бидат јавно заштитени од говорот на омраза и дискриминацијата на македонските институции поради тоа што се чувствуваат Бугари. Очекувам брзо усвојување на второто читање на измените на законот!, објави на Фејсбук Ковачев.


Стојанов, кој е претседател на бугарската фондација „Македонија“ често се наоѓа во фокусот на јавноста со своите објави на Фејсбук, како што е понудата од 200 евра за идентитетот на македонскиот полицаец од граничниот премин Деве Баир, додека преку фондацијата нуди и пари на македонски деца што ќе го учат бугарскиот јазик и разни понуди за преземање на фудбалски клубови, меѓу кои и за Вардар.

Во Албанија во тек е пописот на населението кој треба да трае до 30 октомври. Изминатиот период голем број бугарски активисти, претставници на власта, невладини организации беа многу активни меѓу Македонците во Албанија обидувајќи се да ги убедат дека се Бугари. Се ветуваат пасоши, стипендии, бесплатно школување во Бугарија и работа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот