„Ослободувањето“ почна, па запре: На Клинички центар дрвјата уште виреат со стеблата во бетон

Фото: Слободен печат/Ивана Николовска

Стотици дрвја останаа забетонирани на тротоарите и паркиралиштата низ Скопје и по пет години откако Град Скопје најави голема акција за нивно „ослободување“ за да се зачуваат од изумирање.

Уште во 2019 година, тогашниот градаоначалник Петре Шилегов потпиша договор за соработка со Шумарски факултет, откако оттаму алармираа на големиот број дрвја со забетонирани стебла и корени при градежни активности, мапирајќи дури 841 низ градот.

До крајот на оваа сезона сите 200 дрвја кои се во надлежност на Град Скопје ќе бидат ослободени. Им помагаме и на општините да влезат во засилен процес на ослободување на дрвјата. Најмногу заробени дрвја има на територија на општина Центар, особено во Дебар Маало. Во лудата урбанизација на овој дел од нашиот град во целост беше заборавена животната средина. Големите и развиени дрвја се природен прочистувач на воздухот и ние ќе направиме сè што е во наша моќ да ги заштитиме тие дрвја, рече Шилегов, најавувајќи ја акцијата.

Фото: Слободен печат/Ивана Николовска

Ентузијазмот за ослободување на дрвјата траеше со повремени акции во наредните две години, пред сѐ во општините Центар, Карпош, Чаир и Аеродром.

Оттогаш до денес веќе никој не спомнува – ниту Град Скопје, ниту општините, па ни граѓанските организации кои се борат за заштита на животната средина, дека голем број израснати, повеќегодишни дрвја низ Скопје уште виреат со стеблата во асфалт или бетон.

Таков е случајот со дрвјата на тротоарите на уличките во Клинички центар. И не само на тој простор. Граѓаните ги забележуваат и честопати на социјалните мрежи споделуваат фотографии и локации каде има забетонирани дрвја, но очигледно не и надлежните кои треба да преземат нешто.

Во Скопје, кое секогаш во текот на есенските и зимските месеци, загадувањето на воздухот е големо, секое дрво е вистинско богатство. Затоа, апел до општините и до Град Скопје одново да се активираат во спасување на заробените дрвја.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот