Општината Пустец е единствената во Албанија во која нема аптека

Патоказ за селата Зрноско и Церје во општината Пустец / фото: Giorgos Kiassas / Google Maps

Општината Пустец во областа Мала Преспа, каде живеат припадници на македонското малцинство во Албанија, е единствената општина во земјата без аптека, поради што повеќе од 3.000 жители треба да поминат десетици километри за да набават лекови во Корча или Поградец, јави Ора њуз.

– Аптека немаме. Нема каде да набавиме ниту основни лекови за едноставни болести. Кога имаме здравствени проблеми или самите одиме до Корча и Поградец или пак нарачката ни ја носи локалниот лекар или некој наш соселанец, но тоа не е решение, вели жител на Пустец.

Според жителите, аптека е неопходна, па апелираат да се најде решение и од државата.

-Да ви кажам, голема штета е што цела оваа област нема аптека. Докторот не е виновен. Бараме аптеката да биде отворена и да има фармацевти, вели друг жител.

Градоначалникот на Пустец Пали Колефски за МИА потврди дека во општината нема аптека.

-Точно е дека во општината не функционира ниту една аптека. Досегашните наши напори не вродија со плод. Како локална власт нудиме просторија за аптека без никаков надоместок, но фармацевтите не покажуваат интерес, рече Колефски.

Пустец е најмала општина во Албанија со девет населени места кои се распослани на брегот на Преспанско Езеро. Наспроти претходните години кога тука живееја над пет илјади Македонци, поради потрагата по подобар живот, бројот на постојаните жители е над три илјади.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот