Опачината на лицето Бесмира Е.

милорад стојмановски
Милорад Стојмановски / Фото: Слободен печат

Несудената конзулка со широк дијапазон „квалификации“ – дипломатски, комуниколошки, правни, аналитички, има капацитет и за финансиски проверки зашто е член и на Надзорниот одбор на Македонските железници.

Локални и други „самоуправители“ од ДУИ со неподнослива леснотија во дивеењето со буџетски пари ѝ делеле хонорари на поранешната ТВ-презентерка Бесмира Ејупи, која за една година заработила (којзнае дали се преработила) 12.000 евра од државни институции и градоначалници. И не само на Бесмира, туку и на нејзината сестра Фатиме Ејупи. Од Државното правобранителство, Државната изборна комисија и, главно, од минусните салда на општините Чаир, Сарај, Брвеница, Петровец, Дебар, Центар Жупа, на сметките на сестрите легнале повеќе од 17.000 евра.

Околу 4.000 евра Бесмира ги наплатила од Правобранителството, за кое изработила студиско-аналитички и нормативно-правни работи, подготвувала стручни анализи за процесот на реализација на заклучоци на Владата, а остварувала и комуникација со медиумите, Владата и други државни органи“, како што соопштија од овој државен орган. Незаконскиот ангажман на хонорарци со договор на дело бил поради тоа што имале многу работа, а малку кадар. Институцијата што ја предводи Фехми Стафа притоа не пропушти да ги осуди „шпекулативните напади врз институцијата“, а објавувањето лични податоци на граѓани да ги окарактеризира како „крајно неетички и неморален чин“ и „повреда на Законот за лични податоци“, но не одговори колку е етички функционер да одбие да одговори на прашањата на „Слободен печат“. На пример, зошто на партиски моќници им станува лоша навика токму „лицето Б.Е. (28)“, кажано со полициски речник, толку често да им врши работа.

На неетични политичари што држат лекции за етика треба в лице да им се каже дека се избрани одговорно да се однесуваат со јавните пари. Особено на оние што со методи на притисок штитат свети крави, кои го молзат државниот буџет. Целта е јасна – невидливи хонорари да продолжат да се одлеваат во погрешни џебови, независно дали сработеното е фиктивно и дали талирите завршуваат кај послушници или во тајни партиски сефови.

Секако дека пресумпцијата на невиност треба да се почитува, дури и при сомнежи за евентуална злоупотреба на јавни пари. Тоа е базичен принцип во општества каде што пријавите од антикорупциска комисија најчесто се расчистуваат на суд. Во Македонија, судските процеси најчесто се одолговлекуваат додека не застарат, а судиите се избираат според способноста да одредуваат куќен притвор на притвореници што предизвикуваат сообраќајки со смртни последици или што шетаат слободно сред бел ден, со оружје во рацете во центарот на Скопје и пљачкаат банки.

Прашање е дали договорите на сестрите Ејупи ќе беа обелоденети, а со тоа и „фатени на дело“, ако Бесмира претходно не ја вознемири јавноста како несудена конзулка во Њујорк. Кога шеф на дипломатија и државен правобранител релативизираат очигледна партиска злоупотреба, сигурно мотивите не им се да се спаси презентерка со искуството од работата во четири телевизии и со непознат степен на образование или други квалификации. Причините што токму Бесмира добила предност пред дипломати од кариера што треба да се афирмирани во областа на надворешната политика и меѓународните односи се многу подлабоки. Колку океанот, што Македонија ја дели од Тотова, Њу Џерси, локацијата на генералниот конзулат на земјава во САД каде што требаше да отпатува Бесмира Е.

Според партиските критериуми, мултиталентираната девојка очебијно има широк дијапазон „квалификации“ – дипломатски, комуниколошки, правни и аналитички способности, но и капацитет за финансиски проверки зашто е назначена и за член на Надзорниот одбор на Македонските железници. Овој помалку познат податок не е од затворена владина седница што ја водел вицепремиерот Артан Груби и може лесно да се провери на официјалната веб-страница на оваа државна компанија. Хонорарот за оваа експертиза не ѝ е пресметан во 12-те илјади евра годишни екстра приходи.

Претседателот на ДИК Александар Даштевски призна дека надворешни лица се ангажираат по принцип на доверба, односно на предлог на партиите, иако „практиката на ДИК е да ангажира лица од државните институции, пред сè од Собранието“. Затоа на партиските играчи што играат покер врз доверба на непокажаните карти најдобро им оди. Како во добриот стар виц.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот