Онлајн троловите земаат сѐ поголем замав во Кина

Фото: pxfuel.com

Шест месеци откако споделила фотографија на кинеските социјални мрежи на која му се пофалила на нејзиниот болен дедо дека ја примиле на постипломски студии, младата Женг Лингхуа починала, пишува „Би-Би-Си“.

23-годишната девојка ја споделила сликата на платформата „Сијаохогшу“. Видно возбудена, таа им соопштила на сите дека ќе студира на Универзитетот во Источна Кина.

„Дедо ми беше најголема поддршка уште од мала. Една од моите мотиви да се пријавам на постдипломски студии беше токму ради него, тој да се гордее со мене“, напиша таа.

Но, нејзината радост била краткотрајна. За неколку дена, таа станала жртва на онлајн малтретирање. Нејзината фотографија била споделена со лажни, а често и навредливи натписи. Таа потоа станала мета на немилосрдни подбивања, при што некои ја нарекувале „девојка од ноќен клуб“ и „лош дух“.

Не е јасно како умрела Женг, но минатиот месец една нејзина пријателка ја објавила веста на социјалните мрежи: „Поради онлајн малтретирање, животот на Женг Лингхуа заврши на 23 јануари 2023 година“.

Додека таканареченото „сајбер булинг“ се случува насекаде, кинеската колективистичка култура и недостатокот на притисок врз сопствениците на социјалните медиуми да ја отстранат злоупотребата, му даваат посебен импулс на феноменот. Една анкета во која учествувале повеќе од 2.000 корисници на социјалните мрежи во Кина покажа дека околу четири од 10 испитаници доживеале некаква форма на злоупотреба на интернет. Исто така, се вели дека 16% од жртвите имале самоубиствени мисли. Речиси половина доживеале анксиозност, 42% несоница и 32% депресија.

Женг првично имала планови да ги тужи оние кои ја малтретирале на социјалните мрежи. Една од нејзините објави на „Веибо“ минатиот септември била на тема „како да ги тужите луѓето кои лудо ве напаѓаат зад екраните?“. Но, подоцна и била дијагностицирана депресија и морала да се лекува, што таа го открила на социјалните мрежи, споделувајќи детали за тоа како се борела со несоницата и исхраната. Во ноември, таа споделила слики од себе во болница со натпис: „активно се борам против депресијата“.

Нејзината смрт е само една во низата смртни случаи кои се поврзани со онлајн малтретирањето во Кина.

„Силно чувство за колективизам во Кина може да значи дека сајбер-малтретирањето, кога е извршено како симболичен чин на насилство или агресија кон друг во јавен амбиент, може да доведе до драстични мерки, како што е самоубиство, за да се избегне чувството на понижување“, вели Коен Тан, професор од Универзитетот во Нотингем Нингбо Кина.

Сѐ поголем број на онлајн тролови во Кина

Д-р Тан вели дека онлајн насилниците обично „ги стигматизираат поединците за нивните лични постапки или избори“ и тоа „подоцна се надополнува со инстинкт на стадо“. Комбинираниот ефект, вели тој, „ги остава жртвите да се чувствуваат беспомошни“.

Иако онлајн малтретирањето не е секогаш политички мотивирано, кинеската влада „толерира специфичен тип на сајбер малтретирање“ од десничарските националисти, вели Фанг Кеченг, професор по новинарство на Кинескиот универзитет во Хонг Конг.

Предмет на таквите напади во голема мера биле луѓе за кои се сметало дека го нарушуваат имиџот на Кина во очите на светот.

Мајкл Бери, кој го превел „Дневникот на Вухан“ – списание објавено од писателката Фанг Фанг за време на нејзиниот карантин во Вухан – бил цел на такво „тролање“.

„Некои се заканија дека ќе ме убијат мене и моето семејство ако некогаш се вратиме во Кина“, рече д-р Бери во интервју за американското списание „ВајНот“. „Многу од овие пораки содржеа сериозни закани и зборуваа за длабока омраза. Некои корисници секојдневно ми испраќаа вакви закани“.

И Фанг Фанг се соочила со бурни реакции на интернет, при што некои ја обвинија дека им дала на странците „џиновски меч“ за да ја нападнат Кина.

Многумина веруваат дека платформите на социјалните медиуми во Кина треба да имаат поголема цензура (не само политичка), како некои други низ светот.

„Беше многу тешко за жртвите да побараат правна заштита и обесштетување“, вели доцентот Фанг. „Имаше многу малку случаи во кои прекршителите и платформите се казнети“.

Ова е делумно затоа што малтретирањето на интернет не е приоритетно како проблем за сопствениците на социјалните мрежи или за властите во Пекинг, кои наместо тоа, водат обемна машина за цензура за да го задушат несогласувањето или каква било форма на политички разговор.

Платформите за социјални медиуми во Кина, наводно, се придржуваат до растечкиот список на цензурирани термини за пребарување – во последно време, тие вклучуваат зборови како „Урумчи“ и „Шангај“, градови каде што се одржаа протести против ковид политиките.

„Кина има силни технолошки алатки за следење на онлајн содржините. Повеќе од тие ресурси треба да се пренасочат кон спречување на сајбер малтретирањето. Владата не треба да ја оправда културата на поттикнување онлајн „кампањи на омраза““, вели Џонатан Саливан, политиколог на Универзитетот во Нотингем.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот