Омикрон нека почека, треба да се слави!

ана анастасовска
Ана Анастасовска. / Фото: Слободен печат

Сега е најважно да ја дочекаме новата година и еуфорично, со по некоја чашка алкохол, да прославиме, да се изнаиграме по кафаните… Омикрон ќе дојде кога и да е, ама за него ќе мислиме после. Кога ќе биде доцна.

Омикрон ја затвора Европа! Речиси еден месец откако новата варијанта на коронавирусот беше откриена во Јужна Африка, таа почна забрзано да се шири и на нашиот континент, а според предвидувањата би можела уште во февруари да стане доминантна. Омикрон варијантата на коронавирусот досега е регистрирана во 89 земји и се шири брзо, дури и во регионите каде што голем дел од населението е имунизирано, соопшти СЗО.

Како резултат на тоа, некои европски земји веќе се одлучија за построги и поригорозни заштитни мерки, како на границите, така и внатре во земјите.

Карантини за невакцинирани патници и задолжителен ПЦР-тест, забрани за божиќни и новогодишни прослави, забрани за јавни собирања, забрани за точење алкохол, забрани за собирања по дома… тоа се само дел од мерките што Европа ги воведува во пресрет на празниците. Европејците се претпазливи, не сакаат болниците да им се полнат, не сакаат луѓе да им умираат и лекари да им паѓаат по ходници од изнемоштеност.

А, што прави Македонија? Ништо, составува нова влада. Од локалните избори па навака нашите политичари се занимаваат само со политички пазарења и со поткусурувања. Никој веќе не мисли ниту на пандемија ниту на вакцинација, а на омикрон, па ич.

Министерот Венко Филипче последен пат излезе пред еден месец и кажа дека нови мерки поради омикрон нема да се воведуваат затоа што „состојбата е стабилна, се уште нема доволно познати информации за омикрон, а рестрикции од типот затворање граници и барање тестови, нема да дадат ефект“. Ете така. Сите будали, само ние паметни.

А, колку е стабилна состојбата? Бројките со новозаразени и натаму се движат во просек по 300 дневно. Но, тие сигурно се поголеми имајќи го предвид фактот дека термини за тестирање со ПЦР на државно нема, на приватно е скапо, а луѓето се повеќе се тестираат со брзи тестови од аптеките. Така што државата воопшто нема увид во тоа кој е заразен, кој шета со температура, кој го шири вирусот и слично. Да не зборуваме за починатите. И нивната бројка во просек се движи по 10 секој ден. Но, се добива впечаток како никој да не обрнува внимание на тоа. Вакцинацијата застана, луѓето примаат бустер дози, но не и прва доза. Ако излезете надвор ќе добиете чувство како да нема пандемија, а уште помалку дека некаков нов сој ни се заканува. Кафеаните и рестораните се полни, се прават резервации за најлудата ноќ, луѓето речиси никаде не носат маски, на концерти се стискаат едни до други, автобусите се преполни…

Можеби омикрон е веќе меѓу нас, но кој да знае да каже? Домашните епидемиолози постојано апелираат државата да преземе мерки навреме, да воведе рестрикции на границите за да не ни се случи како со делта сојот летото кога неконтролирано се рашири и ги преполни болниците со пациенти. Зарем не научивме ништо од грешките, или така ни чини, ќути сега ќе има нова влада, нов министер, па тој нека тупи глава. Лекарите секој ден апелираат наставата во училиштата да се прекине веднаш, односно до крајот на првото полугодие да се оди онлајн за да се спречи ширењето на омикрон, но министерката Царовска како и вообичаено вели дека нема потреба од тоа, состојбата е стабилна, училишната година успешно тера. Иако децата цело полугодие се утепаа од губење часови затоа што повеќе од половина од наставниците се заразија со коронавирус.

Но, што знаеме ние? Тука е Комисијата за заштита од заразни болести да мисли на сè, да проценува, да предупредува и да предлага мерки. А неа ја фатил зимски сон. Никаде ја нема, како да потона во некоја пештера.

И така, кучињата си лаат, карванот врви. Важно е сега да ја дочекаме новата година и еуфорично, со по некоја чашка алкохол, да прославиме, да се изнаиграме по кафеаните… Омикрон ќе дојде кога и да е, ама за него ќе мислиме после. Кога ќе биде доцна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот