Од Законот за пушење „изгореа“ 314 угостители – пуши кој каде ќе стигне

Заградени тераси на угостителски објекти / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Во период од 1 јануари 2023 година заклучно со 31 октомври 2023 година, пазарниот инспекторат има издадено 314 прекршочни платни налози (казни) во вредност од над 23.495.000 денари во согласност со Законот за заштита од пушење“, изјавија од ДПИ.

Македонија има Закон за пушење кој никој не го почитува. Пуши кој каде ќе стигне. Иако законски пушењето е дозволено само во надворешните тераси, никој од угостителите не го почитува Законот. Непушачите се жалат дека во скоро сите угостителски објекти се пуши, но недозволеното пушење им пречи и на дел од пушачите кои не се среќни што насекаде „чади“. Реагираат дека кога се во ресторан сакаат да уживаат во храната и пијалокот, а не во смрдеата која се шири од чадот на цигарите.

Од Државен пазарен инспекторат за „Слободен печат“ велат дека годинава имаат изречено 314 казни за пушење во затворен простор при што инкасирале 375 илјади евра.

Законот за заштита од пушење е од 1995 година, но официјално  се применува од 2010 година. Законската верзија од 2013 година, пропишува дека терасите не смеат да бидат целосно затворени односно застаклени, туку мора да бидат отворени од едната страна.

„Проблемот почна кога терасите на угостителските објекти полека се претворија во „стакларници“ или газдите целосно ги затворија со најлони од сите три страни. Целосното затварање почна во 2018 година по барање на угостителите кои се жалеа на забраната за пушење тврдејќи дека драстично им паѓа прометот. Тогаш Владата го тргна членот од законот во кој се дефинираше што е тераса, односно каде смее да се пуши“, велат дел од граѓаните.

Според нив, до тој момент пушењето беше дозволено само во простор кој мора да биде отворен од најмалку три страни и да не биде покриен. Покрај рестораните и кафетериите, вакви тераси имаат и кладилниците, казината, пекарниците…

Заградени тераси на угостителски објекти / Фото: ,,Слободен печат” / Драган Митрески

Од Државен пазарен инспекторат за „Слободен печат“ велат дека годинава имаат изречено 314 казни за пушење во затворен простор при што инкасирале 375 илјади евра.

„Во периодот од 1 јануари 2023 година, заклучно со 31 октомври 2023 година, пазарниот инспекторат има издадено 314 прекршочни платни налози (казни) во вредност од над 23.495.000 денари во согласност со Законот за заштита од пушење“, изјавија од ДПИ.

Од ДПИ апелирааат сите одговорни лица да ги почитуваат и да ги применуваат одредбите, оти казни покрај за физичките лица, се изрекуваат и за правното и одговорното лице.

Според Законот, за пушење во затворен простор во угостителски објект, казната за правното лице е од 2.000 до 4.500 евра, а за одговорното лице од 500 до 1.000 евра. Казна е пропишана и за физичкото лице кое ќе биде фатено како пуши во затворен објект, од 100 до 300 евра.

unsplash
Фото: unsplash

Македонците годишно пушат по 5,5 килограми тутун по глава на жител

Речиси половина од населението во Македонија од 15 до 64 години активно пуши цигари. Во земјава има околу 700.000 пушачи кои годишно трошат по 5,5 килограми тутун по глава на жител, покажува последната анализа Институтот за јавно здравје.

Според Институтот, преваленцата на пушење цигари изнесува 46 отсто што е раст од околу 4 отсто во последните речиси две децении. Податоците покажуваат дека секој втор маж е пушач и секоја трета жена е „зависна“ од никотин. Секој трет смртен случај кај возрасните мажи е поврзан со последици од пушењето цигари, а тоа важи и за секоја седма жена.

Македонија е сместена и на второто место во Европа според бројот на испушени цигари.

Во Мексико пушење цигари само по дома

Мексико е една од земјите каде е забрането пушење на сите јавни места, вклучително и паркови, плажи или хотели. Во Шпанија пак е забрането пушење цигари на плажите долж Медитеранот, како поради здравјето, така и за животната средина.

Во Шведска на пример, државата каде има најмалку активни пушачи меѓу европските земји, пушењето по барови и ресторани е забрането уште во 2005 година, за во 2019 да се прошири и на отворените делови од објектите, вклучително и детски игралишта. Во Нов Зеланд пак е забрането да се продаваат цигари на луѓе родени на или по 1 јануари 2009 година.

Во Грција која е земја членка на ЕУ, строго се почитуваат ваквите закони за заштита од пушењето, и луѓето излегуваат да запалат цигара надвор од угостителскиот објект.

Пушење цигари цигара
Фото: илустрација / Unsplash/Andres Siimon

Во Словенија забрането пушење цигари во затворен простор

Словенечката влада ќе ги одвикнува своите жители од пушење откако го заостри законот за пушење, па така во Словенија е забрането пушење на затворен простор и на работното место. Таквата одлука се однесува на обичните како и на електронските цигари. Како што велат надлежните, адолесцентите кои не се пушачи, со употребата на електронските цигари во нивна околина се зголемува веројатноста да почнат да пушат и обични цигари. Големата разновидност на вкусови е една од причините зошто тинејџерите почнуваат да ги користат електронските цигари. Во Словенија од цигари секоја година умираат по 3.100 луѓе, а се смета дека 9 од 10 случаи на рак на белите дробови се предизвикани од пушење.

Србија најлиберална за „зависниците“ од тутун

Во угостителските објекти во Србија е дозволено да се пушат цигари. Таквата одлука им носи економски профит на српските угостители, бидејќи голем број туристи од соседството,  најчесто од Бугарија, се одлучуваат да патуваат во Србија кога се слободни. Според проценките во Србија, од пушење умираат 15 илјади луѓе годишно.

Истражувањата покажаа дека во тутунот има 7.000 хемикалии, од кои 70 се канцерогени, а никотинот не само канцероген, туку и отровен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот