Од Вардара, па до понора

милорад стојмановски
Милорад Стојмановски / Фото: Слободен печат

И хотелот и академијата покрај огништето на ФК Вардар се проектирани за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Сега се приватни, а клубот сè уште е бездомник. Срамно се препелка од недела во недела во Втората лига, против Велешта, Кадино, Воска…

После сè, фудбалскиот клуб Вардар се ослободи од Сергеј Самсоненко. Порталот Фактор.мк објави дека ФК Вардар има нов сопственик, кој го презел клубот на берза за 32.520 евра. Новиот газда наследил и долг од околу три милиони евра.

Приказната за Вардар од оваа временска дистанца може да се опее со нов рефрен „Од Вардара, па до понора“. Сега како ехо во бездна одекнуваат ветувањата на Сергеј Самсоненко кој во јануари 2014 година со помош на ВМРО-ДПМНЕ стана мнозински сопственик на клубот за 81.000 евра. Финансиското работење на клубот во овие осум години беше темен вилает и за финансиската полиција, зашто никој не провери дали се почитува членот од договорот со кој Русинот се обврза секоја година да вложува барем по еден милион евра.

Многу навивачи ќе речат: сите крадат, ама Вардар со тајкунот на чело барем освои две европски титули со ракометниот клуб, а со фудбалскиот – пласман во групната фаза од Лигата на Европа. „Европски Вардар“ ветуваше и експремиерот Никола Груевски додека со Самсоненко заедно сечеа ленти пред камен-темелниците на јавно-приватните партнерства. Така се нарекува моделот со кој државата се откажува од парите за комуналии за објекти што ги градат миленици на власта.

Денес тие партнерства се во „имотниот лист“ на Самсоненко и немаат ништо јавно во нив, целосно се приватни. Фудбалска академија покрај стадионот, спортска сала „Јане Сандански“, хотел Русија… За тренинг-кампот во Хиподром сè уште не се знае (или се крие) сопственикот. Тениските терени во Аеродром, изградени од државата, требаше да станат идниот тениски клуб на Самсоненко, а почнатата црква уште не е довршена. Плановите ги наруши промената на власта. Вардар од нив не доби ништо, иако најчест коментар на социјалните мрежи е – ќе ги носи ли со себе тие објекти во Русија? Не, тука ќе останат. Само профитите ќе бидат префрлани во Ростов на Дон (Самсоненко).

Покрај стадионот, огништето на Вардар од памтивек, малку поодамна се роди и „копиле“ (големко машала) од политичко-спортскиот брак, склопен под црвено-црниот вел, со прекар Кинески ѕид. Миле Јанакиески божем ќе го уриваше, ама денес е елитен хотел, во туѓи раце. Откако инвеститорот доби дозвола да го гради за да биде наменет за играчите на Вардар. Аферата речиси уништи и банка во Хамбург, а камоли клубот. И хотелот и фудбалска академија се проектирани и „овозможени“ за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ со Вардар. Сега се приватни, а клубот сè уште е бездомник, без клупски простории и стадион. Срамно се препелка од недела во недела во Втората македонска лига, против Велешта, Кадино, Воска…, борејќи се и за достоинството на сите легенди што ги бранеле црвено-црните бои, за урнисаното реноме, за гордоста на „до смрт верните комити“… Колку што се може, со подмладокот што остана да игра за ситна пара.

Вардар е само парадигма за нефункционирањето на институциите. Толерирање двојни сметки, прогледување низ прсти на перењето пари, непочитување правила на игра… Агенцијата за млади и спорт и Централниот регистар се мешаа во зоната забранета за интервенција, потпомагајќи нелегално преземање на клубот. Наместо да биде вруток на македонскиот фудбал, клубот стана жабурник за стрвници, за пилјари-дилери кои се претставуваа за лидери, за тајкун што „се вљубил во Македонија на прв поглед“.

На сè уште најтрофејниот клуб му претстои можеби најтешката задача во историјата: не само финансиски опстанок, туку и експресно враќање на патеката на успесите. Но тоа што ги мачи верните клупски навивачи е кога, еднаш засекогаш, Вардар ќе престане да биде тој мрачен предмет на кванташкиот пазар на желбите на разни профитери. Дали и новиот сопственик овој пат е навистина ослободен од политичкиот јарем? Дури и навивачи беа злоупотребувани од гореспоменатите. Стануваа насилници што со бејзбол-палки влегуваа во клубот, гробари што гроб му копаа на центарот на теренот, иницијатори за спас, а всушност маша на политички партии. Се чини дека конечно решија да не служат како политички транспарент. Како светло на крајот на тунелот блесна акцијата „Купи билет за спас на Вардар“, организирана токму од комитите во февруари, која имаше одзив кај 20.000 симпатизери на клубот за да се деблокира клубот. Дадоа пари без да одат на натпревар, но симболично го означија почетокот на натпреварот за опстанок. Не во Првата лига, туку воопшто. За в година повторно да стане свеж, орен, млад и витален во 75-тата година од постоењето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот