Од пет члена, фалат двајца во Комисијата што треба да го прогласи Ванчо Михајлов за фашист

Ванчо Михајлов -Бугарски културен центар во Битола / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Петчлената комисија за употреба на имињата на историските личности во моментов не е во полн состав и се очекува наскоро да се докомплетира, за да може да продолжи да работи и во законскиот рок да донесе мислење за тоа дали смее или не смее името на Ванчо Михајлов да се корсти како назив на здружение на граѓани. Од Комисијата си заминува Антонио Павловски, како член кој беше предложен од Министерството за култура и се очекува на следната владина седница да биде именуван нов член на предлог на Министерството за култура. Во Комисијата треба да се именува и втор член од МАНУ на местото на академикот Живко Попов, кој не се согласдува да биде дел од оваа Комисија затоа што е уролог.

Освен Павловски и Попов, во Комисијата за употреба на имиња членуваат и Аркин Јахији, државен советник во Министерството за правда, кој доаѓа на предлог на министерот за правда,  д-р Билјана Ристовска – Јосифовска, професор при Институтот за национална историја и академик Драги Ѓоргиев, кој е вториот член на комисијата од редовите на МАНУ, а кој воедно е и копретседавач на Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образвни прашања.

Комисијата досега има донесено Деловник за својата работа. Ќе решаваат со надгласување, односно за да доннесат одлука не им е потребен консензус од сите пет члена, туку три гласа.

Оваа петчлена комисија ја формираше Владата лани во декември согласно измените на Законот за здруженијата и фондациите со кои се забрани како име  на организација да се употребуваат имиња, презимиња, прекари, псевдоними, кратенки и иницијали на лица кои по која било основа, начин или форма биле или се поврзани со расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстреминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, национал-социјализам и Третиот рајх. Претходно Владата формираше ад-хок тело од седум члена, како премостување на законската празнина што беше искористена од две здруженија на макеоднски Бугари лани да се регистрираат под називи што силно ги вознемирија граѓаните во Македонија – „Иван Михајлов“ од Битола и „Цар Борис“ од Охрид. Со законските измени на сите веќе формирани здруженија им беше даден рок од три месеци што истече на 16 февруари да се усогласат, при што „Цар Борис“ поднел такво барање во Централниот регистар, а „Иван Михајлов“ не. Потоа министереот за правда има рок од еден месец да донесе одлука дали одредено здружение е усогласено со законот, врз основца на мислењето на Комисијата, а ако здружението не е усогласено, Централниот регистар ќе го избрише од регистрацијата.

Прашањето дали официјална владина комисија ќе го прогласи некогашниот лидер на ВМРО Ванчо Михајлов за фашист силно ја тангира најголемата македонска партија ВМРО-ДПМНЕ, како и другите партии со префикс ВМРО. Откако е актуелна темата со законските измени изјава за Михајлов дадоа сите тројца досегашни претседатели на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, Љубчо Георгиевски и Никола Груевски и сите остро се спротиставуваат на намерата Михајлов да биде прогласен за фашист. За Мицковски тој е дел од историското наследство на партијата, Георгиевски бара државата да обезбеди докази од процеси во кои Михајлов е прогласен и осуден за фашизам, а Груевски вели дека ако некој соработувал со фашисти не значи дека е фашист, односно со Хитлер соработувале и Черчил и Стаљин, па денес нив никој не ги смета за фашисти и додава дека целта на оваа постапка е историското ВМРО да биде прогласено за фашистичка творба, а ВМРО-ДПМНЕ за наследник на фашисти.

Законските измени во Собранието, пак, беа донесени токму на предлог на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, а СДСМ ги поддржа.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот