Од црната листа на Шоле некој нема да види бел ден

Дерек Шоле/Фото: ЕПА-ЕФЕ

Со нетрпение се очекува дали Шоле ќе допатува во земјава и со список со санкционирани од американската администрација. Министерот Бујар Османи пред два дена рече дека се надева уште пред доаѓањето на Шоле, Владата да донесе Акцискиот план со САД, во кој борбата со корупцијата ќе биде ставена во фокусот.

Денешната посета на советникот на Стејт департментот Дерек Шоле на Скопје и пораката дека борбата против корупцијата останува приоритет за Вашингтон, повторно го ставија во фокусот „проблемот што стои на патот на напредокот“ на целиот регион на Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија.
Американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер вчера ја најави посетата на Шоле и кажа дека тој ќе отвори неколку прашања, но не прецизираше кои, пренесувајќи ја пораката дека ова ќе биде многу интензивна година, а Шоле ќе ги потврди „заложбите и поддршката на САД за Северна Македонија“.
Oстанува неизвесно што ќе донесе Шоле во земјава, иако самиот тој пред неколку денови јасно го кажа ставот на американската администрација за земјава.

Северна Македонија е една од оние земји што се борат со корупцијата, а ние правиме сѐ што можеме за да помогнеме. Испративме тим неодамна во Северна Македонија да разговараме за овие прашања. Борбата против корупцијата е приоритет за државниот секретар Блинкен“, изјави Шоле во интервју за српската редакција на Гласот на Америка. Според него, многу млади луѓе од Западен Балкан заминуваат во други земји, бидејќи не гледаат светла иднина, со оглед на некои од предизвиците со кои се соочуваат земјите во регионот поради корупцијата.

„Гледаме огромен потенцијал на Западен Балкан, севкупно економски, во однос на демографијата, но нашата фрустрација е што има премногу работи што стојат на патот на тој потенцијал, а корупцијата е едно од тие прашања“, додаде Шоле.

Официјален Вашингтон, како што изјави советникот на Стејт департментот претходно во друго интервју, смета дека во регионов има ендемска корупција, особено високата корупција, а динамизирањето на борбата против корупцијата е приоритетно прашање на агендата. А со оглед дека САД се посветени на обезбедувањето стабилност и сигурност на Западен Балкан, самиот Шоле „со нетрпение го очекува ова патување“.

А она што „со нетрпение“ се очекува овде е дали Шоле ќе допатува и со список со санкции и кој ќе се најде на оваа црна листа. Министерот за надворешни работи Бујар Османи на заедничката прес-конференција со Агелер пред два дена рече дека не добил одговор на ова прашање од американската амбасадорка, но се надева дека пред доаѓањето на Шоле, Владата ќе го усвои Акцискиот план со САД во кој борбата со корупцијата е ставена во фокусот.

– Еве најава и преку листа на санкции и, како што реков, тоа е во рамките на договорена соработка, и ние тоа го сметаме како добредојдено и во интерес на демократијата и владеењето на правото во Република Северна Македонија. За повеќе детали се разбира ќе треба да информираат тие – изјави Османи.

Според амбасадорката Агелер, Шоле во Скопје фактички ќе ги продолжи дискусиите што ги имал претходно со претседателот Стево Пендаровски и со премиерот Димитар Ковачевски. Со нив, Шоле минатата година разговараше за заземање цврст став за корупцијата.

„Одлична можност да разговараме со претседателот Пендаровски за нашето силно партнерство во НАТО, претстојното лидерство на Северна Македонија со ОБСЕ, напредокот во пристапот во ЕУ, заземање цврст став за корупцијата и соработка да се донесе дополнителна стабилност и можност за Западен Балкан“, напиша тогаш Шоле на Твитер.

Со Ковачевски, пак, имал продуктивен разговор за „енергијата, борбата против корупцијата, и други клучни прашања“. Сличен разговор премиерот имаше и со амбасадорката Агелер. На неговото образложение за конкретните чекори кои државата ги презема во борбата со корупцијата од неа добил порака дека корупцијата продолжува да го кочи напредокот на државата, со тоа што влијае врз забавувањето на економскиот раст, а намалувањето на корупцијата влијае врз развојот на државава во сите сфери.

Според Ковачевски, судството и обвинителството треба да функционираат независно, а случаите на коруптивни практики треба да се пријавуваат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот