Оценка 2.91 за патувањето со воз, пругите „чекаат“ приватни оператори и ремонти

Македонски железници/ Фото: МИА

Железничкиот сектор во државава за годината што измина доби оценка 2.91 од патниците. Му се случија шест бојкоти со прекини на сообраќајот, а застои предизвикаа и оштетувањата од пожари на пругата кај Битола и напукнувањето на столбот на железничкиот мост на река Црна, кај локалитетот Стоби, што го блокираше товарниот превоз со Грција.

Новина за железницата е либерализацијата со законските измени што стапија во сила од 1 декември и се овозможи и приватни оператори да се вклучат во товарниот превоз, што често трпи штети од штрајковите што ги организираат синдикатите, претежно за исплата на плати.

На најголемиот дел од пругите, според надлежните институции, треба да се изврши ремонт, а од инвестициите за изградба на новата инфраструктура, се очекува да продолжат тековните активности на првите две делници од пругата кон Бугарија. За третата делница, од Крива Паланка до бугарската граница, пак, да се избере изведувач на градежните работи во третиот квартал годинава и работите да почнат во 2025 година. Проект во најава е и брзата пруга Ниш-Скопје, додека повторното железничко поврзување со Грција и преку ГП Меџитлија, се уште чека договор помеѓу надлежните железнички претпријатија во двете држави.

Поплаки дека нема информации за сообраќањето на возовите, за хигиената, издавањето билети…

Состојбата со услугите, согласно анкетите на испитаниците во 2023 година е оценета со 2.91 и е подобра од 2022 година кога е оценета со 2.76 на скала од 1 до 5, велат за МИА од Агенцијата за регулирање на пазарот во железничкиот сектор.

Главни забелешки и коментари од патниците се: немање информација дали возот ќе патува и од кога, повеќе вагони (во „ударни денови“ и викенд), нови возови, односно да се обноват превозните средства, хигиена (во самите возови, санитарни јазли и железничките станици).

Патниците бараат и издавање/продажба на билети во број колку што има слободни места во возот, можност за резервација на билети неколку дена претходно со нумерација по седиште, електронско купување на карти.

Со измените на Законот за железнички систем, што стапија во сила од 1 декември лани, сите заинтересирани оператори, домашни, но и странски можат слободно да работат во државава и да возат по нашите пруги. Приватните оператори ќе треба да склучат правен договор со ЖРСМ Инфраструктура за користење на пругите.

Постапката за работа на други оператори е предвидена во законите што ја регулираат дејноста на железничкиот систем. Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор како регулаторно тело е надлежна за издавање на дозвола за железнички превозник, која е во согласнот со регулативата на ЕУ. Управата за сигурност на железничкиот систем, пак, издава сертификат за сигурност на железничкиот оператор. Со исполнување на овие два услови правното лице се стекнува со право на железнички оператор.

Со либерализиацијата на пазарот се очекува зголемен обем во товарниот железнички сообраќај. Од Министерството за транспорт велат дека ќе се овозможи поголема искористеност на делот од Коридорот 10 како најзначаен транзитен коридор од Солунското пристаниште до Централна Европа и која е најбрзата и најевтината рута за железничките оператори.

-Тоа значи поголема искористенот на Коридор 10 која од економски аспект подразбира приходи во железничкото претепријатие и ова мора да го искористиме. Државниот железнички оператор кој што со години добива огромни субвенции, мора да се реформира и да биде конкурентен. Сите примери во другите земји во регионот покажуваат дека со отворање на железничкиот пазар зголемена е конкуренцијата и капацитетот на превозни средства а со тоа и обемот на работа. Ова очекуваме да се случи и кај нас во наредниот период, изјавија за МИА од Министерството за транспорт.

Во возниот ред за 2023/2024 година се планирани возови во локалниот патнички собраќај на релациите Велес-Табановце и Табановце-Велес, Скопје-Гевгелија и Гевгелија-Скопје, Битола-Скопје и Скопје-Битола, како и Велес-Скопје и Скопје-Велес. Меѓународниот патнички воз Белград-Скопј -Солун и обратно се уште не во функција поради реконструкција на делот од пругата помеѓу Ниш и Брестовац.

Од ЖРСМ Транспорт АД Скопје за МИА информираат дека заклучно со крајот на ноември 2023 година со Железницата биле превезени 267 186 патници и реализирани 30.868.649 патнички километри, а во товарниот сообраќај се превезени 789.213 тони стока со 143.121.467 нето тонски километри.

Во патничкиот сообраќај со планот за 2024 година се предвидува да се задржат истите патници и патнички километри од 2023 година, а во товарниот зголемување за 10 проценти на превозот на стоки.
Генерираните приходи во патничкиот сообраќај во 2023 година заклучно со 31 октомври годинава изнесуваат 22.226.899 денари, а во товарниот изнесувале 380.032.107 денари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот