Образованието најмногу го почувствува ударот на пандемијата

Конференција: Образование во време на КОВИД-криза: искуства Република Северна Македонија и Република Словенија/Фото: МИА

На факултетите во Словенија во тековната учебна година на додипломски и постдипломски студии студираат околу 1400 македонски студенти со бесплатна школарина. Оваа поволност Словенија им ја овозможува на младите од  Западен Балкан, вклучително  и од Северна Македонија.

Амбасадорот на Словенија во нашата земја Милан Предан во воведно обраќање на конференција за искуствата со наставата во време на пандемија со КОВИД-19, истакна дека универзитетите во Словенија сакаат да ги прифаќаат и запишуваат студентите од Република Северна Македонија и ги ценат поради тоа што се, како што рече, мотивирани, амбициозни, трудољубиви и прилагодливи, со оглед на тоа што голем дел од нив многу бргу го учат словенечкиот јазик.

-Многумина од македонските студенти се одлучуваат за студии од области кои се дефицитарни и во Словенија. Тоа значи дека оние што ќе се одлучат да останат во Словенија, релативно брзо наоѓаат вработување и со тоа се голема придобивка за словенечкиот пазар на трудот. Од друга страна, би сакале што повеќе од нив да се вратат дома и тука да придонесат со своето знаење. Токму заради тоа е многу важно Европа да дојде кај вас, што значи да се воведуваат европски стандарди во сите сегменти на општеството тука, независно кога формално ќе почнат пристапните преговори за влез во Европската Унија. Младите што студираат во Словенија сигурно многу повеќе ќе сакаат да се вратат дома доколку се враќаат во средена и напредна држава, рече амбасадорот  Предан.

Во однос на искуствата од наставата во време на пандемија, тој посочи дека образованието, покрај културата, е област која најмногу го почувствувала ударот на пандемијата и дека со воведувањето на онлајн-наставата под притисок не биле само наставниците и учениците, туку и родителите.

Во изјава за медиумите тој рече дека онлајн-наставата во оваа учебна година во Словенија траела пет месеци и се применувала кога во нашава земја се одвиваше со физичко присуство. Сега и во словенечките училишта наставата е со присуство, а од минатата недела, рече тој, не е задолжително носењето заштитни маски на настава.

-Словенија и Северна Македонија усвоија доста слични мерки со кои двете држави бараат среден пат односно рамнотежа образованието да се одвива колку-толку нормално и непречено и со почитување на сите епидемиолошки мерки. Во двете држави цело време се појавуваат двоумења во однос на тоа како наставата на далечина ќе влијае на квалитетот на самото образование. Постојат анализи и треба да се знае нешто и за негативните ефекти, помалку или повеќе познати во двете држави. Мора да бидеме подготвени за слични предизвици. Под влијание сме на сето тоа што се случува во Украина во последните десет дена и речиси заборавивме на кризата со КОВИД-19 која сѐ уште ни од далеку не е завршена, рече Предан на конференцијата „Образование во време на КОВИД-криза: искуства Република Северна Македонија и Република Словенија” која денеска во Скопје ја организираше Факултетот за применети општествени науки од Нова Горица во Словенија.

За предизвиците за реализација на наставата од почетокот на КОВИД-пандемијата во март 2020 година, моделите, мерките и протоколите кои нашата држава ги презеде за да овозможи непрекинат континуитет и достапност на наставата за сите ученици, зборуваше Анета Трпевска, државен секретар во Министерството за образование и наука.

Таа рече дека пандемијата беше пресвртна точка во развојот на македонското образование која го промени општественото сфаќање за важноста на системот на стекнување знаења, вештини и ставови и, како што рече, поттикна брз генерален ресет на образовните практики преку продор на дигитализација во образовниот процес.

-Покажа дека може да изградиме воспитно-образовен систем отпорен на промени и потреси. Но, тоа не беше ни малку едноставен процес, ниту, пак, е процес што е завршен, рече Трпевска, која за тековната настава – со физичко присуство според утврдени протоколи, рече дека е  опција која во целост ги задоволува потребите на учениците, влијае на квалитетот на стекнатите знаења, но и на нивната социјализација и психофизичкиот развој.

Борут Рончевиќ, професор на Факултетот за применети општествени науки од Нова Горица и уште на два други факултета во Словенија, зборуваше за словенечките искуства со пандемијата во високото образование.

-На факултетите што ги претставувам, секогаш нудиме одлични квалитетни услуги за студентите и направивме сѐ што треба тие да ги добијат. Пандемијата овозможи да има онлајн-настава и тоа беше предност за многу студенти кои сакаат да студираат во Словенија, но физички се во својата матична земја, конкретно во Северна Македонија. Хибридниот модел на настава го почнавме уште на самиот почеток на пандемијата и бевме подготвени за ваков тип настава со висок квалитет и за учесниците во предавалната, но и за оние што учат на далечина, рече проф. Рончевиќ.

Според проф. д-р Константин Миноски од Институтот за социологија на Универзитет „Св. Кирил и Методиј”, ниту еден од нашите универзитети не бил подготвен за далечинска настава.

Тој се осврна на проблемите со кои се соочија образовните институции со реализирање на наставата, посочувајќи на неповолна дигитална инфраструктура, недоволна обученост на наставниот кадар за примена на новите дигитални технологии во образовниот процес и недостигот на кадар за техничка поддршка за одвивање на настава на далечина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот