Обединети за необединување

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Последниот предлог на Заев за формирање обединувачка „политичка влада“, кој како „гром од ведро небо“, ја снајде македонската политика, претпоставувам дека збуни исто толку членови од неговиот СДСМ и оние од неговите коалициони партнери во Владата, колку што – по којзнае кој пат – ги фати сосема неподготвени лидерите на опозицијата, особено овие од ВМРО-ДПМНЕ. Впечаток е дека тамошното партиско раководство не само што не е во иста политичка „лига“ во која игра Заев, туку, со оглед на нивната неподготвеност, би требало да размислат и да го сменат „спортот“ во кој се обидуваат да се натпреваруваат со него: наместо во дриблања со топка, можеби би покажале подобар успех во фрлање пикадо или во летање змаеви, на пример?

Ако, пак, се одгледа целото интервју на Заев за „Слободна ТВ“, овој негов предлог доаѓа како логично продолжение на цело едно негово пледоаје за „закоченоста“ на земјата во партиските поделби и блокираноста на Собранието, во очи на низа важни закони кои не можат да го поминат собранискиот филибастеринг и „тенкото“ (тукушто потврдено) владино мнозинство. Наместо да влегува во ново „зголемување“ на владиното мнозинство со отцепување ваму или таму по еден-двајца пратеници, Заев нуди, за овдешни прилики, радикална опција: ајде сите во влада (минус Мицкоски), заради интересите на државата и граѓаните („народот“ е неговиот популистички речник).

Дури, во момент на типичен заевистички „екуменски“ наплив, понуди и самиот да се повлече од таквата влада, доколку тоа би го спречило „проектот“ за обединување. Да беа неговите противници поимагинативни, којзнае каде можеше да заврши оваа иницијатива…

Сепак, идејата наиде на општо отфрлање и од владината коалиција, а секако со индигнација и со колоритен речник од оние на кои примарно се однесуваше понудата. Да упростиме: и македонската и албанската опозиција сакаат одмазда, а не соработка. И сметаат дека одмаздата им е на дофат, еве, само што не дошле на власт.

Со тоа се става точка на идејата за „обединување“ од страна на оваа генерација на политичките елити во Македонија. И тоа не е за чудење, бидејќи политичките поделби во земјата не се вештачки, ниту измислени. Во нив со години се инвестирани многу објективни и субјективни напори, на нив се изградени политички кариери и општествени статуси кои, инаку, носителите на тие поделби не би ги имале.

Самиот Заев, пак, се обиде таа идеја да ја промовира „од долу нагоре“, со проектот „Едно општество за сите“. Но, наместо тоа да му биде еден од клучните политички приоритети во владеењето, неколкугодишниот пристап му е повеќе импровизација и меѓупартиско пазарење, од смислена стратегија за спроведување на тој далекусежен и, можеби, единствено правилен пристап за консолидирање на моделот на мултиетничка, либерална демократија во земјава. Бројни се и добро познати и објективните околности зошто е тоа така.

Сега, бидејќи од проектот за „Едно општество за сите“ е, речиси, останат само убавиот наслов, Заев решава „обединувањето“ да го поттикне (иако „наметне“ е веројатно поточен опис на таа намера) „од горе надолу“. Гледаме, и тој пристап наидува на неприфаќање, со оценка дека се работи за демагогија.

Според тоа, не преостанува ништо друго, туку „спасот“ да се бара во вообичаените демократски постапки: власта да си владее како што знае и умее, опозицијата да се однесува како што мисли дека најдобро им прилега, па изборите, кога ќе им дојде редот, ќе го решат победникот во новата „поделба“ на улогите. Тогаш ќе се види како и самата понуда на Заев за обединување ќе биде оценета од мнозинството гласачи на изборите.

Но, поентата е можеби на друго место: многу е подобро да имате премиер кој политички се залага за обединување, одошто за поделби. Тоа, само по себе, ги турка постоечките лимити и ја унапредува јавната дебата за состојбите во општеството. Замислете да е обратно…

Преземено од Цивилмедиа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот