Ново дно за Бугарија според слободата на медиумите

Фотографиja Profimedia Фотомонтажа Златко Зец

Земјата сега е на 112-то место според индексот на „Репортери без граници“. Во Европа, само во Турција е полоша состојбата со медиумите од онаа во Бугарија

Бугарија падна за едно место, до 112-то, во светот според Глобалниот индекс на слободата на медиумите на меѓународната организација „Репортери без граници“ (RSF). Земјата останува далеку последна според овој показател не само во Европската унија, туку и во Европа – со исклучок на Турција, која годинава се наоѓа на 153-то место.

Во однос на слободата на медиумите, Бугарија останува во групата со земји како Мозамбик, Гвинеја, Боливија, Бразил, а Бенин, Замбија, Гватемала, Габон и Конго имаат блиски резултати.

„Неколку критички ориентирани новинари се подложени не само на клеветнички кампањи и малтретирање од страна на државата, туку и на заплашување и насилство.  Новинарите честопати се повикуваат и се испрашуваат од страна на полицијата во врска со нивната работа, додека политичарите и олигарсите одржуваат односи обележани со корупција и судир на интереси“, пишува во краткиот профил на Бугарија во индексот.

Напади, вознемирувања, закани…

Последното место во Европа и влошената состојба во Бугарија не е изненадување за никого. Ситуацијата во земјата за медиумите останува иста со години наназад, но со тенденција да се влошува, а пандемијата и жестоките политички страсти само го зголемија притисокот врз сè уште непобедените медиуми во земјата. За споредба, дури и таканаречената „црна овца“ во ЕУ под премиерот Виктор Орбан, Унгарија, со поткопување на демократските принципи и владеењето на правото, падна за три места во индексот на RSF, на 92-то место.

Од страна на „Репортери без граници“ се наведуваат важни случаи, каков што е оној со полициското насилство врз новинарот Димитар Кенаров за време на летните протести. RSF го опиша одбивањето на Обвинителството да ги испита постапките против Кенаров ноќта на 2 септември 2020 година како безобразно, а шефот на канцеларијата на RSF за ЕУ и Балканот, Павол Салај, ги опиша објаснувањата на Министерството за внатрешни работи и обвинителите како „апсурдни и дистописки, достојни на Џорџ Орвел “. Спомнато е и тепањето на главниот уредник на „168 часа“, Слави Ангелов, пред неговата куќа во март 2020 година, чиј напаѓач останува неоткриен.

Друг случај што RSF директно го посочува во својот извештај е смртната закана против Николај Стајков од Анти-корупцискиот фонд (АКФ) и против неговото семејство минатиот јуни – во текот на истрагата за аферата „Осум џуџиња“. Заканите запираат кога Стајков ги објави јавно. Сепак,
полицијата го игнорираше случајот, а главниот обвинител Иван Гешев прогласи дека АКФ е поврзана со основачот на медиумите „Капитал“ и „Дневник“.

Економски притисоци

Освен физичките закани, според RSF, бугарските новинари честопати се подложени на судско и економско вознемирување, а во анализата е даден примерот со истражувачката страница „Бивол“ и апсурдниот случај со ЕВН, каде заради искажан став во јавен медиум беше тужен и основачот на „Капитал“ и „Дневник“ Иво Прокопиев. Судот потоа ги ослободи тој и другите обвинети во случајот – заради недостаток на кривично дело.

Минатата година во Бугарија беше формиран најголемиот медиумски конгломерат – во јануари годинава сопственикот на БТК „Јунајтед Медиа“ официјално ја купи радиодифузната групација „Нова“ и со тоа ја концентрираше сопственоста врз најголемата национална телевизија, заедно со неколку други канали, со една од најголемите мрежни медиумски групи, четири радиостаници и неколку печатени медиуми. Ниту Комисијата за конкурентност, ниту Комисијата за регулирање на комуникациите не видоа проблем во концентрацијата на влијанието во медиумите.

Иако ги продаде своите медиуми, Дејан Пеевски, кој е олицетворение на коруптивните односи меѓу владата и провладините медиуми, го задржува своето проблематично влијание во медиумите, соопшти „Репортери без граници“ во оценката за Бугарија. Во декември 2020 година, групацијата „Обединети медиуми“ се здоби со голем број медиуми, вклучувајќи ги „Телеграф“ и „Монитор“, кои беа во сопственост на Пеевски.

Немоќта на ЕУ

Во сите овие случаи, во кои е загрозена или повредена слободата на медиумите во земјата, владата или го занемарува проблемот или активно го поттикнува газењето на слободата. Владата одвојува средства и пари од ЕУ за сопствено рекламирање и комуникација на нетранспарентен начин, за да се обезбеди удобен третман во медиумите, се вели во анализата на RSF. Во декември 2019 година, по состанокот со претставниците на „Репортери без граници“, Бојко Борисов се согласи дека организацијата ќе предложи законски измени за подобрување на состојбата со медиумите во земјата.

RSF минатиот март испрати патоказ со предлози – и повеќе не доби одговор од Борисов. Во март оваа година,RSF ги објави своите предлози јавно, коментирајќи дека владата на Борисов очигледно одбила да ја направи слободата на медиумите приоритет.

RSF исто така забележува дека механизмите воспоставени од Европската унија за заштита на нејзините основни вредности не ги спречуваат владите на Централна и Источна Европа во обидите да ги замолчат или заземат независните медиуми. “ЕУ изгледа немоќна. И новосоздадениот механизам што го поврзува пристапот до европското финансирање со владеењето на правото, не ја зема предвид слободата на медиумите”, заклучи организацијата.

Преземено од „Капитал“ од Софија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот