Новиот албум на Крсте Роџевски е како музичко љубовно писмо до Чикаго

Македонскиот вокалист, гитарист и композитор Крсте Роџевски, кој веќе дваесет години живее и работи како психијатар во Њујорк, на 1 септември го објави својот петти музички албум, инспириран од чувства што се појавиле за време на ковид-пандемијата.

Петтиот албум на Кристо (Крсте) Роџевски со наслов „Fair Weather Friends“ е објавен под етикетата на „Port of Entry 3901 Records“, а беше создаден за време на неговиот едномесечен престој во Чикаго Вест Луп среде пандемијата на ковид-19 во 2020 година. Тоа беше застрашувачко време во град проникнат со социјално повлекување и психичка ентропија, каде што луѓето брзо се префрлаа помеѓу анксиозноста и парадоксалната смиреност.

Во такви услови Кристо Роџевски успеа да состави ансамбл од врвни музичари што го дефинираа модерниот звук на Чикаго во последните неколку децении. Покрај неговиот вокал и акустична гитара, во снимањето се вклучија „најскромниот Бог на гитара“ Џеф Паркер, креативните музичари и членови на „Арт ансамбл оф Чикаго“, Никол Мичел и Томека Рид, потоа Кен Вандермарк на саксофон и бас-кларинет, блескавиот мајстор на електронски педали, Дејв Исли, столбот на ритамот на новата фри-џез сцена во Чикаго, Чарлс Рамбак, самоуверено непретенциозниот експерименталист Ник Макри на бас, искусниот виртуоз Рик Ембах на вибрафон и експертот за електроника Џон Хјуз. Албумот е снимен и продуциран од Џон Хјуз, а го мастерирал Џош Еустис („Телефон Тел Авив“, „Nine Inch Nails“).

Резултатот е наративна таписерија од деликатни аранжмани и поентилистичко раскажување приказни, со теми првенствено инспирирани од лична загуба и разочарување, одбранбениот механизам на негирањето на текот на времето и концептот на „мртвата мајка“ во делата на Андре Грин и Егон Шиле. Албумот „Fair Weather Friends“ е носталгија за времето што никогаш не било. Белешка на екранот. Музичко љубовно писмо до Чикаго.

Како кантавтор досега Кристо Роџевски ги објави албумите „Батанија“ (2015), „Горчливи бадеми“ (2017) и „Зајакот и паднатиот јавор“ (2018). Музичката критика трите албуми ги нотира како заокружена трилогија, во која Роџевски остава траги за своето потекло. Четвртото албумско остварување со наслов „Хјубрис“ беше објавено во 2020 година под етикетата на американската дискографска куќа „МОД Рилоудед“ (MOD Reloaded) во Њујорк. Езотеричниот звук на албумот го води слушателот во паралелен свет на неочекувана „паранормална нормалност“. Со петтиот албум Роџевски остава трајна музичка меморија за својата посета на Чикаго, но создава и цврста конекција со музичката елита во тој град.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 144, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 3-4 септември 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот