Ковид-19 / Фото: Pexels

Нова студија: Пандемијата го остарела човечкиот мозок, дури и кај оние кои не се заразиле со ковид-19

Пандемијата на ковид-19 не само што ги наруши животите на милијарди луѓе ширум светот, туку според нова студија објавена во угледното научно списание „Нејчр“, оставила и невидливи, но длабоки последици врз мозокот, дури и кај оние кои никогаш не се заразиле со вирусот.

Истражувањето, кое го пренесе и порталот „ИФЛ саенс“, покажува дека менталниот и емоционалниот товар што луѓето го носеа во 2020 година (изолацијата, стравот, несигурноста и нарушената рутина) можеле буквално да го променат мозокот, предизвикувајќи ефекти слични на забрзано стареење.

Тимот научници, предводен од доктор Али-Реза Мохамади-Неџад од Универзитетот во Нотингем, анализирал мозочни снимки на речиси илјада луѓе, користејќи податоци од британската биобанка. Учесниците биле поделени во две групи: едната имала мозочни снимања направени пред и по пандемијата, додека другата, контролната, имала две снимања пред ковид-кризата.

Резултатите покажале значајни разлики кај „пандемиската“ група, особено во волуменот на сивата и белата маса – показатели кои се поврзуваат со стареење на мозокот. Она што е најзагрижувачко е фактот што овие промени биле присутни и кај луѓето кои не се заразиле со ковид-19.

„Нашите наоди покажуваат дека самото искуство на пандемијата, без инфекција, имало значително негативно влијание врз здравјето на мозокот кај здрава популација од средна и постара возраст“, наведуваат авторите на студијата.

Сепак, тие нагласуваат дека овие промени можеби не се трајни. Професорката Дороте Ауер, коавторка на трудот, изјавила дека сè уште не е познато дали мозокот ќе се врати во претходна состојба, но дека тоа е „охрабрувачка можност“.

Инфекцијата со вирусот сарс-ков-2, сепак, дополнително ја влошува состојбата. Кај лицата што прележале ковид помеѓу двете снимања биле забележани намалувања во когнитивните способности, особено во брзината на обработка на информации и способноста за решавање проблеми.

Професорот Масуд Хусеин од Универзитетот во Оксфорд, кој не учествувал во студијата, изјави за „Саенс мидија центар“ дека разликата меѓу групите изнесувала просечно пет месеци „мозочна старост“, и дека е прашање дали тоа има реално значење во секојдневниот живот. Но, и тој се согласува дека истражувањето отвора важни прашања.

Доктор Максим Таке, исто така од Оксфорд, посочува дека дел од учесниците можеби прележале асимптоматска инфекција, што значи дека ефектите од ковидот врз мозокот може да бидат потценети.

Оваа студија се надоврзува на сè поголемиот број докази дека глобалните кризи, како пандемиите, имаат долгорочни ефекти не само врз физичкото здравје, туку и врз менталната и невролошката благосостојба. Научниците повикуваат на дополнителни истражувања и препорачуваат подобра подготвеност за справување со вакви последици во иднина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот