Нова пратка вакцини на „Астра-Зенека“ пристигнува утре, а на „Спутник“ наредната недела

Имаме најава дека в петок ќе стигнат 10 000 вакцини на „Астра-Зенека“, донација од Хрватска. Во текот на наредната недела се очекува да стигнат и 10 000 вакцини од Русија на „Спутник“. Вакцинацијата денеска се спроведува во сите вакцинални пунктови. Во текот на вчерашниот ден и завчера се вакцинирани околу 12 000 лица, а заклучно со вчера се вакцинирани 330 000 граѓани, изјави министерот за здравство Венко Филипче.

Министерот истакна дека во процесот на имунизација се вклучени и центрите за масовна вакцинација, односно спортските сали и здравствените домови.

Тој потенцира дека вакцините се безбедни и дека не постои шанса да се пушти во промет лек доколку за тоа нема одобрение од Агенцијата за лекови.

– Вчера се покрена едно прашање околу документацијата, дозволите итн. Сакам да објаснам дека граѓаните треба да бидат спокојни и не постои шанса да се пушти кој било лек во промет, вклучувајќи и вакцина, доколку за тоа одобрение не даде Агенцијата за лекови. Ние аплицираме со соодветната документација која што е потребна и за увоз на лекот, а таа стигнува и пред да стигнат вакцините во Агенцијата за лекови, така што станува збор за административен процес, изјави Филипче.

Министерот истакна дека започнале да излегуваат препораки и публикации за потреба од трета доза од вакцината против коронавирусот, но нагласи дека се уште нема цврст и јасен став околу тоа прашање.

– Никој не може за сигурно да каже каква ќе биде иднината во однос на вакцинацијата. Дали овие две дози ќе бидат доволни или можеби ќе биде потребна трета доза и сега се поставува прашањето дали од истиот производител или различен или трето сценарио, оваа вакцина да прерасне во форма на сезонска вакцина, додаде тој.

Филипче информираше дека теренската вакцинација е веќе започната во градовите каде што има лица кои се тешко подвижни, во помалите места, а од следната недела се очекува да биде спроведена поинтензивно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот