Норвешка донација од сто механички респиратори за инвазивна и неинвазина вентилација

Норвешка донираше 100 механички респиратори за инвазивна и неинвазина вентилација, дизајнирани за користење во итни случаи и надвор од болничките сали, односно во амбулантни возила и помали сали за итна помош, кои ќе бидат респределни согласно потребите низ земјата.

Министерот за здравство Венко Филипче, по примопредавањето на донацијата, рече дека таа е уште еден доказ дека партнерствата вредат и се познаваат, тогаш кога тоа е најпотребно.

– Ова не е прва донација, ниту од Норвешка, ниту од НАТО земјите. Ова е трета помош од Норвешка. Првата донација беше лична заштитна опрема, потоа ни донираа брзи тестови за детектирање на вирусот и сега, оваа многу значајна за нас помош, што сериозно ќе го зголеми квалитетот на здравствените установи за третман на ковид пациентите, порача Филипче.

Во рамки на партнерството со Норвешка, посочи тој, успеавме да формираме и лекарски тимови кои се дел од мисијата во Кабул и на тој начин стана дел од НАТО системот за пружање здравствена заштита.

Норвешкиот одбранбен аташе потполковник Егил Далтвеит посочи дека има силна соработка меѓу вооружените сили на Норвешка и Северна Македонија, што помогнала за побрзо реализирање на донацијата.

– Испорачавме опрема во вредност од 600 илјади евра за само неколку дена откако се роди оваа идеја, се до пристигнувањето на опремата во Скопје, изјави Далтвеит.

Пандемијата, посочи Далтвеит, силно ја погоди Северна Македонија и веќе загубивте премногу животи.

– Вашата загуба, за мене, исто така, е лична. Македонскиот дипломат Драган Тодоровски, кој има голема заслуга за блиските врски меѓу нашите земји и мој драг пријател, почина од КОВИД пред две недели. Сакаме да помогнеме на нашиот НАТО сојузник да спаси, колку што е можно повеќе граѓани и се надевам дека оваа опрема ќе помогне за спасување на повеќе човечки животи, рече Далтвеит.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска рече дека епидемијата стана прашање на опстанок и ги обедини државите во светот во трката по вакцини и лекови, во која ние како држава сме посилни, благодарение на нашите сојузници.

– Тоа што го прави Норвешка во последната година, покажува колку тоа сојузништво може да ни биде корисно. Нема да ги набројувам донациите, но ќе кажам дека она што беше специјално, е што помошта беше дадена навреме и тогаш кога највеќе треба, и во извонредно брзи рокови, рече Шекеринска.

Како држава и Армија ја засилуваме нашата соработка, но посочи таа, гледаме дека соработката во НАТО и одбраната се шири и во други сектори.

– Нашиот медицински тим е во Кабул, каде наши хирурзи и медицински сестри соработуваат и спасуваат животи, заедно тимот од Норвешка. Тоа сојузништво, што се гради во војна, е сојузништво кое ќе помогне и во најтешки моменти, рече Шекеринска.

Поддршката од Норвешка, нагласи министерката, нема да остане заборавена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот