Фото: Слободен печат

Низ тетовските улици гладни и агресивни кучиња, Касами вели дека волонтери ќе го решаваат проблемот

Бројот на кучиња скитници низ тетовските улици се зголемува, пријавите во полицијата за напади врз граѓаните растат.

Проценките се дека во градот има 500 улични кучиња, но моментално Општина Тетово со здружението „Амос“ има потпишано договор да се згрижат 83 кучиња скитници.

Градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами, вели дека со овој тендер, во градот нема да се реши проблемот, но најави дека на волонтерска основна за кратко ќе започнат активности за третирање на овие бездомни животни.

„Има еден предлог со кој се надеваме дека ќе имаме посериозно решавање на проблемот. Се работи за еден заинтересиран човек кој ги сака кучињата скитници, бара да му обезбедиме ние простор, каде тој ќе инвестира во стационар за згрижување на кучињата скитници да се грижи за нив и сето тоа на волонтерска основа. Да се надеваме дека до крајот на месецов ќе имаме некое решение за локацијата, да ни достави идеен проект за да излеземе пред јавноста со некое решение кое ќе биде долгорочно.Досегашниот партнер со кого имаме склучено договор за згрижување на кучињата скитници се уште ќе работи до крајот на реализацијата на договорот, кој треба да згрижи 83 кучиња, но уште на почетокот кажавме дека тоа не е доволно“, рече градоначалникот на Тетово Биљал Касами.

Градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари, кој е нов претседател на Центарот за развој на полошкиот плански регион, смета дека само со регионален пристап ќе може да се реши проблемот со кучињата скитници во полошкиот регион.

„Ние во Гостивар имаме два центри за згрижување на кучиња скитници, но тоа се покажа како неодржливо, има разни луѓе кои одат и кршат таму и ги пуштаат кучињата, ние не сме во состојба таму да имаме работници 24 часа. Затоа велам единствено решение е да се направи еден регионален цетнар за згрижување на кучиња скитници кој ќе биде заеднички за сите општини од полошкиот регион, Ако оваа идеја се реализира, тогаш нема потреба кучињата да скитаат од една во друга општина. Тој центар ќе функционира 24 часа, таму ќе има вработени ветеринари, кои ќе се грижат за бездомните животни, мислам дека тоа е единственото решение, вели претседателот на Центарот за полошки плански регион Арбен Таравари.

Како можна локација за регионален центар за згрижување на кучиња скитници од целиот полошки регион е посочена општина Врапчиште. Но засега ова е само идеја, конкретни чекори на терен нема.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот