Ништо од една изборна единица ни од уцената на Владата

Собрание седница / Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Нема консензус од големите партии Македонија да биде една изборна единица (наместо сегашните шест), а за уривање на Владата, пак, нема единство меѓу помалите партии.

Само како обид за притисок врз големите владини партнери ќе остане заканата од неколку помали партии дека ќе ја откажат поддршката на Владата на Димитар Ковачевски и дека ќе предизвикаат предвремени парламентарни избори ако не помине предлогот за промена на изборниот модел.

Во Собранието во вторник конечно ќе почне расправата за измените на Изборниот законик на предлог на помалите партии. Како што сега стојат работите, нема консензус Македонија да биде една изборна единица (наместо сегашните шест), а за уривање на Владата, пак, нема единство меѓу помалите партии. Расправата ќе почне, но епилогот од неа ќе биде дека нема промена на изборниот модел бидејќи ќе нема консензус.

Павле Трајанов од ДС и Љупчо Балковски од ВМРО-НП, кои предложија да има само една изборна единица, сметаат дека треба да одат до крај и доколку не им помине предлогот, тогаш да се бара предвремени парламентарни избори.

Од друга страна, СДСМ е за една изборна единица, но ако нема консензус, ќе нема ни измени на изборните правила. ДУИ бара консензус и е против една изборна единица, додека опозициската Алијанса за Албанците категорички е против една изборна единица и најавува блокада на предлогот.

Трајанов за „Слободен печат“ веќе најави дека ако СДСМ прави трикови и ако се изјалови обидот за промена на изборниот модел, тогаш помалите партии ќе ѝ ја откажат поддршката на Владата и така ќе испровоцираат предвремени избори. И Балковски вели дека ќе одат до крај, а првиот тест дали предлагачите ќе ја остварат заканата, ќе биде комисиската расправа во вторник.

– Цврсто сме решени да опстоиме на барањето за промена на изборниот модел. Не може СДСМ да тврди дека е за промена, а да се правда дека е консензус. Во Собрание на чистина ќе излезе кои партии се за, а кои се против, па ќе одлучиме за понатамошната поддршка на Владата. Како мали партии, не треба да дозволиме да се повлечеме поради реализација на програмата на Владата, бидејќи и ние сме дел од владината програма. Ако се инсистира на консензус, а го нема, ќе ја преиспитаме поддршката за Владата – вели Балковски.

Наспроти нив, ЛДП и ДОМ се повоздржани во идејата да ја откажат поддршката за Владата ако не помине предлогот. Тие сметаат дека треба да му се даде шанса на процесот, бидејќи првпат во Собранието ќе почне дебата за промена на изборниот модел.

– Добро е што за предлогот конечно ќе почне комисиска расправа во собраниската Комисија за политички систем, по што ќе има и јавна расправа на која ќе учествуваат експерти и невладини организации. Очекувам дека ќе се најде решение што ќе биде прифатливо за сите партии. Не би сакала да прогнозирам што ќе се случи ако предлогот не помине. Нашиот став е да не настапуваме со уцени бидејќи времето е пресериозно, има енергетска и економска криза и војна во Украина од која последиците ги трпиме и ние. Стабилноста на државата не смее да се доведе во прашање – смета Маја Морачанин, пратеничка и претседателка на ДОМ.

Според неа, треба да се смени ставот дека за измена на Изборниот законик е потребен консензус од четирите најголеми партии. Наместо да се инсистира на консензус, да се почитува одлуката на мнозинството партии.

Пратеничката од ЛДП Моника Зајкова вели дека е прерано да каже како ќе дејствува партијата ако предлогот пропадне.

– Да ги изнесеме аргументите и тезите и да не прејудицираме што ќе се случува. Да видиме кои би го блокирале законот. Инсистирањето на консензус е само изговор да не помине. Сведоци сме дека многу важни закони за општеството се носеле без консензус – вели Зајкова.

Алијанса за Албанците е категорично против една изборна единица. Од партијата на Зијадин Села најавија дека ќе ги искористат сите демократски средства за блокада на законот и не веруваат дека ќе има обид за промена на изборниот модел без консензус.

– Без консензус не доаѓа предвид да има измени на Изборниот законик. Алијанса за Албанците во никој случај нема да прифати една изборна единица. Не верувам дека ќе се дрзнат без консензус да гласаат измена на изборниот модел. Ако туркаат на зорт, ќе добијат зорт – вели Халил Снопче, пратеник на АА.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот