„Никој не смее да узурпира никакво земјиште“, вели Спасовски за вчерашниот обид за диво градење зад поликлиниката Бит Пазар

Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи/Фото: МВР

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во врска со обидот за узурпација и диво градење зад поликлиниката Бит Пазар изјави дека по наредба на јавен обвинител одземена е градежната машина, а кривичната пријава против двете лица веќе се процесуира и ќе оди по брза постапка.

Никој не смее да узурпира никакво земјиште и никаква сопственост, независно дали е приватна или државна, порача Министерот Спасовски.

„Има таков настан кој по 19 часот синоќа се случил. Тоа, би рекол, е обид за узурпација и градба. Никој не може да ја нарушува сопственоста, независно дали се работи за државна или приватна. Пријавено е во полиција, излезено е на лице место, приведени се две лица од Скопје и притоа е известен јавниот обвинител по чија наредба е одземена градежната машина. Во текот на денешниот ден се процесуира кривичната пријава и ќе оди по брза постапка. Лицата ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка, рече Спасовски, одговорајќи на новинарски прашања по дефилето „Јас внимавам и безбедно возам“.

Тој додаде дека лицата сакале да узурпираат градежно земјите.

„Затоа се покренува кривична постапка за две дела: узурпација и нелегална градба. Полицијата изреагира веднаш и одземена е градежната машина. Ова е силна порака од државата дека никој не смее да узурпира никакво земјиште и никаква сопственост. Ирелевантно кој е, кој сака нека биде, тоа не може да го прави и ќе сноси одговорност“, потенцира Спасовски.

Од МВР информираат дека за изградба на паркинг лицата немале добиено дозвола од Општина Чаир и дека за случајот е известен Јавен обвинител и по негово целосно документирање ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Вчера во изјава за „Слободен печат“ директорот на Здравствен дом Скопје, доктор Виктор Исјановски, зборуваше за настанот.

„Некој со тешка механизација и без никаква дозвола за градење доцна вечерва се пробил на просторот на поликлиниката „Бит-пазар“ и сакал да почне да гради“ изјави Исјановски.

Д-р Исјановски случајот го пријавил во полиција, од каде веднаш информираа дека на местото се упатени полицајци, а за настанот е известен обвинител.

Полицијата привела двајца осомничени кои сакале да градат паркинг без дозвола кај поликлиниката „Бит пазар“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот